Во терористичкиот напад во Сиднеј убиен и фудбалер на македонски тим: „Беше исклучително талентиран играч, сакаше да изгради живот во Австралија“

Точка

15/12/2025

14:16

1.359

Големина на фонт

а а а

Во терористичкиот напад што се случи на плажата Бондај во Сиднеј, убиен е и еден фудбалер. Според најновите информации, најмалку 16 лица го загубиле животот, а 42 се повредени.

Еден ден по хоророт се појави информација дека во нападот е убиен и Дан Елкајам, фудбалер на македонскиот клуб „Рокдејл Илинден“, кој се натпреварува во Премиер лигата на Нов Јужен Велс.

Властите во Австралија соопштија дека нападот го извеле татко и син, а сè се случи за време на еврејски фестивал што се одржувал на плажата.


Елкајам имал 27 години и бил член на клубот во изминатите 12 месеци. Во Австралија живеел неколку години и работел како ИТ аналитичар во „NBC Universal“. Покрај фудбалскиот талент, бил познат и по љубовта кон сиднејските плажи и патувањата низ Австралија.

Се огласи и клубот.

„Малку е да се каже дека сме шокирани. Нè уништува сознанието дека нашиот играч Дан Елкајам трагично е убиен во масакрот на плажата Бондај.

Дан, 27-годишен Французин со еврејска вероисповед, живееше со својата девојка во источните предградија. Го сакаше австралискиот начин на живот.


Неговата страст кон фудбалот го донесе во „Рокдејл Илинден“, каде што ѝ се приклучи на нашата екипа во Премиер лигата 1 – како исклучително талентиран играч од средниот ред.

Оние што му беа најблиски го опишуваа како приземен човек, кого срдечно го прифатија сите што го запознаа. Фудбалот беше негова страст, заедно со поминувањето време на плажа и дружењето со пријателите.


Дан беше вработен и сакаше да изгради живот во Австралија.

Неговото насмеано лице и природата исполнета со почит неизмерно ќе им недостасуваат на неговите соиграчи и на сите што го познаваа. Се молиме за него и за неговото семејство“, се наведува во објавата потпишана од Денис Летер, претседател на клубот.