Напуштен аеродром во Канада ќе се трансформира во одржлив град вреден 30 милијарди долари.
Аеродромот „Downsview“ во северозападен Торонто поминал низ неколку трансформации во текот на својата историја. Првиот аеродром бил изграден пред околу 100 години, а за време на Втората светска војна станал центар на производство на воени авиони.

На почетокот од 1990-тите, аеродромот го презела авионската компанија „Bombardier“, но сè било затворено во 2024 година поради преселба на компанијата, а на почетокот од 2026 година ќе започне најголемата трансформација досега.

Областа од околу 150 хектари ќе се трансформира во урбан дистрикт кој ќе прими повеќе од 50.000 жители. Пистата долга два километри - централниот дел од просторот ќе стане пешачки парк кој ќе поврзува седум квартови. Секој кварт ќе биде посебен – со свои жители, библиотеки, продавници, училишта и социјални центри, а пистата ќе ги спојува сите.
Дерек Горинг, извршниот директор на компанијата „Northcrest Developments“ која го води проектот, изјавил за Си-ен-ен дека зачувувањето на историјата на областа е клучниот дел од визијата.
„Сакаме да се потпреме на она што веќе постои и да го искористиме што е можно повеќе. Тоа внесува карактер и го прави интересно и уникатно“, изјавил тој.

Огромните индустриски хангари на аеродромот ќе бидат зачувани и трансформирани во деловни згради. Нивните покриви ќе бидат покриени со трева и растенија за да помогнат во впивање на дождовница и намалување на ризикот од поплави.

Областа е веќе окружена со мрежа од железнички станици и подземна железница па ќе поттикнува пешачење и алтернативи без автомобил. Ќе има широки велосипедски патеки и автобуски систем.


„Тоа не значи дека ќе нема автомобили – пистата е единствената област без автомобили, но се обидуваме да ги направиме пешачењето и возењето велосипед најлесен, најбезбеден и најповолен начин на движење“, истакнал Горинг. Огромниот развој ќе трае околу три децении. Квартовите ќе се градат еден по еден, додека пистата еволуира помеѓу нив.













