[ВИДЕО] Шпанската политичарка Мартинез носеше никаб на седница

Макфакс

12/12/2025

19:22

311

Големина на фонт

а а а

Вирџинија Мартинез, регионална пратеничка во Мурсија од шпанската конзервативна партија Вокс, се појави во регионалното собрание oблечена во никаб за да го презентира предлогот на нејзината партија за забрана на таква облека на јавни места.

На снимката објавена од самата Мартинез, може да се види како таа влегува во зградата на регионалниот парламент облечена во никаб. Пред да се качи на говорницата, претседателката на регионалниот парламент, Визитасион Мартинез, ја предупреди дека не може да им се обрати на пратениците облечена на тој начин.

„Не можете да учествувате на оваа пленарна седница облечена вака. Ве молам пресоблечете се“, ѝ рече претседателката на парламентот.

Откако го соблече никабот, Вирџинија Мартинез рече дека е среќна што таквата облека не е дозволена. „Драго ни е што ваков вид облека не е дозволена затоа што по 50 години демократија дојдовме до тоа да видиме жени како мора да живеат во затвори направени од ткаенина, а тоа не е слобода за ниту една жена во ова општество“, рече таа.

Таа додаде дека забраната треба да се применува и надвор од парламентот. „Драго ни е што тоа не е дозволено во овој парламент, а ако не е дозволено тука, не треба да биде дозволено на ниту еден јавен простор“, рече Мартинез.

Шпанија нема општа, национална забрана за носење бурка или никаб. Обидите на локалните власти да воведат такви ограничувања беа поништени од судовите во минатото. Уште во 2013 година, Врховниот суд на Шпанија пресуди дека локалните забрани, како онаа во Љеида, се неуставни бидејќи го кршат фундаменталното право на слобода на вероисповед.

Ситуацијата е различна од, на пример, Франција, каде што националната забрана за покривање на лицето во јавност беше потврдена со пресудата на Европскиот суд за човекови права во 2014 година.

Слична ситуација како оваа во регионалното собрание на Мурсија се случи минатиот месец во Австралија, кога сенаторката Полин Хансон беше суспендирана една недела откако носеше бурка во парламентот за да ја промовира забраната за муслиманска облека во јавност.

Ова беше втор пат сенаторката од Квинсленд, членка на антиимиграциската партија „Една нација“, да дојде во парламентот со покриено лице и тело.