Поранешната претставничка на Израел на Евросонг: „Ние сме земја што тежнее кон мир, никого не сме нападнале“

Точка

12/12/2025

18:40

295

Големина на фонт

а а а

Израелската пејачка Ноа Кирел, која во 2023 година ја претставуваше оваа земја на Евросонг, наведе дека одлуката на земјите што решија да се повлечат од ова натпреварување е антисемитска. Таа исто така тврди дека таму не ѝ е место на политиката.

За време на гостувањето во емисијата „This World Tonight“ на „BBC“, говореше за земјите кои решија да се повлечат од Евросонг поради учеството на Израел – Ирска, Шпанија, Холандија, Исланд и Словенија.


„Искрено, длабоко сум разочарана од оваа одлука, бидејќи Евросонг е мост, а не ѕид. Сржта на ова натпреварување е поврзување на срцата преку музиката. За жал, некои земји дозволуваат политиката да ја уништи забавата. Израел не прекршил ниту едно правило на Евросонг. Израел е земја што тежнее кон мир. Седми октомври – Израел не нападна никого“, изјави таа.

Пејачката понатаму тврди дека Израел бил брутално нападнат на начин каков што досега не бил виден и дека цели семејства биле убиени, вклучувајќи и деца.


„Цивили беа киднапирани. Израел се бранеше исто како што би го направила секоја друга нација. Тие земји избираат да го гледаат спротивното, да ја игнорираат реалноста и да го бојкотираат Израел. Тоа е антисемитизам. Мислам дека бојкотот на Израел на политичките фронтови не е само навреда за нас, туку и навреда за сè што Евросонг претставува“, кажа таа.

Ноа додаде дека смета дека на политиката не ѝ е местото на ова музичко натпреварување.

„Евросонг се сведува на поврзување на луѓето, без оглед на политиката, религијата или границите. Тоа е суштината на Евросонг. Затоа, мислам дека треба да го оставиме тоа настрана и да се фокусираме на музиката“, наведе Кирел.