Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес нагласи дека секој компромис меѓу Украина и Русија во врска со контролата на нејзините источни региони мора да биде фер и потврден на избори или референдум.
„Верувам дека украинскиот народ ќе го даде одговорот на тоа прашање. Без разлика дали преку избори или референдум, тоа мора да биде став што доаѓа од украинскиот народ“, изјави Зеленски пред новинарите кога беше прашан за постигнување договор со Москва.
Украинскиот претседател потврди дека САД му предложиле на Киев да се повлече од територијата што сè уште ја контролира во регионот Донецк и да создаде слободна економска и демилитаризирана зона на тоа место, без присуство на руски сили.
Зеленски рече дека американската страна сè уште не знае кој ќе управува со демилитаризираната зона.
Тој додаде дека Вашингтон предлага повлекување на руските трупи од украинските региони Суми, Харков и Дњепропетровск, но и нивно останување во регионите Херсон и Запорожје.







