Посните пита се традиционално јадење кое често се подготвува за време на постот, но и како лесен, вкусен оброк богат со хранливи состојки.
Тие се идеална комбинација од зеленчук и тенки кори, а благодарение на подготовката без масло, остануваат лесни и здрави, а истовремено многу сочни и ароматични. Со малку внимание и едноставни состојки, секоја посна пита може да стане омиленото јадење на семејството и гостите, кое лесно се подготвува и одлично се комбинира со салати или чорби.
Посна пита со зелка
Состојки:
500 г кори за пита
700 г свежа зелка
1 главица кромид
сол и бибер по вкус
150 мл вода
Подготовка:
Зелката ситно исечкајте ја, па со раце добро изгмечете ја за да омекне.
Кромидот исечкајте го и ставете го во тенџере со неколку лажици вода за да омекне.
Додајте ја зелката, солта и биберот, поклопете и варете додека целосно да омекне и додека течноста да испари.
Корите напрскајте ги со вода и рамномерно распоредете го филот врз нив.
Завиткајте во ролати или редете слоеви како гибаница.
Одозгора повторно малку напрскајте со вода.
Печете на 190 – 200°C околу 30 – 35 минути, додека да добие благо златна боја.
Посна пита со тиквички
Состојки:
500 г кори за пита
800 г тиквички
1 мал кромид
1 лажичка сол
1 лажичка сушен зачин
100 мл вода
Подготовка:
Тиквичките изрендајте ги и малку исцедете ги.
Кромидот ситно исечкајте го и омекнете го во тенџере со малку вода.
Додајте ги тиквичките, солта и сушениот зачин. Варете додека поголемиот дел од водата не испари.
Корите лесно прскајте ги со вода, нанесувајте од филот и виткајте во ролати.
Ставете ги во плех, повторно малку напрскајте со вода.
Печете на 190°C околу 30 минути.
Оставете малку да се излади пред сечење.
Посна пита со модар патлиџан
Состојки:
500 г кори за пита
2 средни модри патлиџани
1 голема главица кромид
1 црвена пиперка
1 чешне лук
1 лажичка сол
Прстофат пипер
150 – 200 мл вода
Подготовка:
Модриот патлиџан исечете го на коцки, посолете и оставете го да стои околу 15 минути, потоа измијте и исцедете.
Кромидот и пиперката ситно исечкајте ги.
Во тенџере ставете неколку лажици вода, додадете го кромидот и динстајте го поклопен додека да омекне, па додајте ја пиперката и кратко варете.
Потоа додајте го модриот патлиџан, сол и бибер, поклопете и варете 15 – 20 минути, повремено долевајќи мала количина вода, само онолку колку што е потребно зеленчукот да омекне без да загори.
По желба, пред крај додајте ситно сечкан лук. Корите за пита напрскајте ги со вода, распоредете го филот и виткајте во ролати, па наредете ги во плех малку напрскан со вода.
Врз питата прелијте уште малку вода за корите да омекнат.
Печете на 190 – 200°C околу 30 – 35 минути, додека благо да поруменат.














