Власта денес го полага испитот за доверба: нема простор за политички калкулации, присуство на седницата за Кочани е должност, велат од партијата Левица

Макфакс

09/12/2025

11:15

147

Големина на фонт

а а а

„Пред почетокот на денешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, уште еднаш јавно ги повикуваме пратениците од власта да не бегаат и да се одважат пред родителите и народот со присуство на седницата“, велат од партијата Левица.

„Нема простор за ароганција и партиски калкулации. Поминаа девет месеци од трагедијата што однесе млади животи, а Собранието за целиот тој период не презеде ниту една суштинска мерка. Институцијата која треба да биде највисок облик на демократијата, домот на народните избраници, се однесуваше без слух за јавноста, со очигледна желба случајот да се заташка и да се заборави. Токму затоа, денес нема луксуз да продолжи со истата неодговорност. Државата им должи на семејствата и народот барем минимум сериозност и политичка зрелост.

Одржувањето на седницата зависи од пратениците од владејачкото мнозинство, членови (или нивните заменици) на Комисијата, и тоа: Александар Велјановски, Миле Лефков, Ангелинка Петкова, Петар Ристески, Бране Петрушевски, Рашела Мизрахи, Игор Здравковски, Фериде Хаџиу и Весна Бендевска.

Секој од нив има должност да се појави и да му овозможи на Собранието да ја изврши својата надзорна улога и да не биде креатор на уште еден срам со учество во блокада на оваа расправа. Нема повеќе алиби, „технички причини“ и други разни изговори. Во моментов се работи и за довербата на јавноста и за елементарно човечко достоинство.

Од мнозинството денес јавноста бара да си го оправдаат мандатот и да присуствуваат на седницата. Ако повторно посегнат по опструкции, тоа ќе значи дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да ја поттурне вистината под тепих. Секоја нова опструкција ќе биде јасен доказ дека ВМРО-ДПМНЕ ја става сопствената удобност пред болката и гласот на родителите и народот кои бараат правда!“, се наведува во соопштението на партијата Левица.