Најважната задача која пред себе ја имаме е да го подобриме животот на граѓаните, рече Мицкоски

Макфакс

06/12/2025

19:08

133

Големина на фонт

а а а

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот 18-ти Конгрес на партијата кој се одржува во спортскиот комплекс „Јасмин” во општина Кавадарци под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, имаше свое обраќање во кое се осврна на темата за стандардот. Тој истакна дека треба да се работи на системски мерки и решенија, а воедно и дека економијата треба да се раздвижи и домашните компании да се поддржат затоа што, како што вели тој, тие се рбетот на стопанството.

„Најважната задача, која пред себе ја имаме, е да го подобриме животот на граѓаните. Свесен сум дека нашиот народ живее тешко. Ние изминатите нешто повеќе од година и половина власт го посветивме на изградба на темели кои ги затекнавме разрушени. Но од годината што следи нашата основна задача е жилава борба за стандардот на граѓаните. За подобар живот и за создавање на систем кој нема да зависи од субјективните карактеристики на поединецот, туку од моралниот кодекс на заедницата. Систем кој служи на општеството и на она што претставува наша заедничка цел секој човек да има повеќе, да има повеќе пари, повеќе среќа и повисок стандард“, рече Мицкоски.

Мицкоски истакна дека и покрај намалениот наталитет, радува последниот податок на раст на бројот на новороденчиња во земјава. Тој посочи дека треба да се работи на системски мерки и решенија.

„Потребно е младите да ја добијат вистинската шанса која нема да зависи од политичката или било каква друга припадност, освен од сопствените капацитети и способности. Мора да го подобриме образованието. Знаењето и наобразбата е најважниот и најсигурниот клуч за излез од сиромаштијата. Економијата мора да се раздвижи дополнително, иако до сега се раздвижи најмногу во последната деценија, а домашните компании да се поддржат затоа што тие се рбетот на стопанството. Имаме тешка задача да се бориме против нашето исчезнување како држава и народ, а тоа е демографијата и намалениот наталитет. Радува последниот податок на раст на бројот на новороденчиња, но далеку сме од она што треба да биде вистински мотор на општеството, човечкиот фактор. И затоа треба да работиме на системски мерки и решенија. Помалку луѓе значи послаба економија. Послаба економија значи незадоволни луѓе. Така ја губиме државата. А ние сме премали за да се раситнуваме во секој поглед“, кажа Мицкоски и дополни:

„И кога ја говорам оваа тема за зголемен наталитет, мора да се даде одговор на две клучни прашања. Да се има чувство и грижа за оние кои имаат потешкотии да имаат свој пород, и државата ќе направи се за да помогне за зголемена и подостапна медицинска грижа. И второто прашање е да се помогне младите парови да стигнат до свој дом, затоа што навистина цените на недвижностите се нереални и свесен сум дека претставуваат голема грижа за многу луѓе“.