Муцунски ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Брисел

Макфакс

03/12/2025

08:32

124

Големина на фонт

а а а

На покана на Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО.

Министерскиот состанок претставува уште една можност министрите да разменат ставови во однос на донесените одлуки од Самитот на НАТО во Хаг, кои се важни за иднината на Алијансата, како и да разменат мислења за напредокот во зајакнувањето на индивидуалните способности и капацитети за овозможување ефективна колективна одбрана и безбедност.

Во фокусот на дискусиите се очекува да бидат разменети информации за заедничките напори за продолжување на континуираната поддршка за Украина, како и размена на ставови за одговор на актуелните безбедносни предизвици и закани, вклучително и дестабилизирачките активности на малигните актери и стратешките конкуренти, кои имаат за цел да ја нарушат воспоставената безбедносна архитектура и меѓународниот правен поредок, извести Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

На маргините на министерскиот состанок, предвидено е министерот Муцунски да оствари и повеќе билатерални средби, меѓу кои и со шефот на американската делегација, заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, како и да учествува на тематски состанок посветен на Коридорот 8.