До ден денес се чудам и не можам да поверувам што се случи таа вечер, изјави првообвинетиот и сопственик на дискотеката „Пулс“ во Кочани, Дејан Јованов, на денешното судско рочиште.
Кажа дека цели девет месеци е затворен во четири ѕида.
„Секојдневно ја преживувам таа трагична ноќ, изјави првообвинетиот Јованов.
Со треперлив глас, на моменти и со солзи во очите, кажа дека не може да поверува што се случило таа ноќ.
„Јас како човек и како родител, каде што се собираа сите млади и моите деца да бидам способен да дозволам да фали нешто. Зарем сериозно мислите дека доколку би знаел дека фали нешто, не би презел се за да се отклони навреме. Во тој клуб, на тоа место има пораснато десетини генерации. Сите што ме познаваат добро знаат колку и како се грижев за безбедноста на сите гости во клубот. Од срце и од душа сакам да изразам сочувство на сите фамилии што имаат починати а на повредените опоравување. Затоа што ја знам нивната болка и тага, затоа што и ние во нашата фамилија имаме починат и повреден член и ја носиме истата болка како и вие што ја носите. И уште едно не ми е јасно, зошто Михајло е обвинет бидејќи тој немаше никакви обврски и активности ниту пак допирни точки со работата на клубот. Тој си имаше негова фирма за дистрибуција, си ги работеше неговите работни обврски со неговата фирма и си беше нормален гостин како и сите“, кажа Јованов.
Тој како и останатите обвинети за пожарот во дискотеката „Пулс“ истакна дека не се чувствува за виновен за кривичните дела што му се стваат на товар,
Неговата бранителка Ивана Коцева во долг воведен говор зборуваше за правни нелогичности и пропусти што ги направило Обвинителството во обвинението, кажа дека причина за пожарот е пиротехниката која без да ја пријават кај Јованов ја внеле и ја употребиле членовите на ДНК.
Коцева рече дека во постапката ќе докаже дека од отворањето на кабарето до трагичниот пожар не можела да постои свест кај Јованов за непреземени мерки за безбедност оти сите служби кои имале сознаниноја, не предочиле законски пропусти. Од тука Коцева смета дека Јованов може да одговара за небрежност и за ништо повеќе. Укажа дека институциите цели 13 години му издавале лиценци откога утврдувале дека ги исполнува условите.
“Тој не бил стручен да препознае недостатоци, институциоте немале забелешки”, рече Коцева. Таа се пожали дека како бранителка има тешка задача оти треба да одбрани човек кој за сите е убиец, а таа го гледа како човек.
„Дејан е човек, не е монструм”, рече Коцева и нагласи дека во судницата не се дојдени за одбрана на злосторства туку да дојдат до правдата. Воведниот говор го заврши со зборовите ,” Не може да бараме правда, а да ја засноваме на неправда”.















