Во рамките на официјалната посета на Банката на Англија, гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески и неговиот тим имаа исклучителна можност за работна посета на Трезорот на Банката на Англија, каде што се чуваат златните резерви на Република Северна Македонија.
Притоа, беше извршен увид во златото и условите во кои се чува во Трезорот на Банката Англија. Проверките се дел од вообичаените активности на централните банки поврзани со нивната грижа за обезбедување највисоки стандарди на сигурност и безбедност во чувањето на монетарното злато, известуваат од Народната банка.
Народната банка на Република Северна Македонија, во состав на девизните резерви, располага со околу 6,9 тони монетарно злато, со тековна пазарна вредност од околу 800 милиони евра. Златото се чува во Трезорот на Банката на Англија во алоцирана (асигнирана) форма и го сочинуваат маркирани златни прачки коишто во целост ги исполнуваат стандардите на пазарот на злато во Лондон (London Good Delivery Standard − прачки со содржина на злато од најмалку 99,5% или тежина од околу 400 фини унци, односно околу 12 кг). Одлуката тоа да се чува во Банката на Англија беше донесена во 2010 год. имајќи ги предвид сигурноста и флексибилноста коишто ги нуди инфраструктурната поставеност на централната банка, како и пристапноста до пазарот на Лондон како најголем пазар со злато во светот.
По претходно доставено барање до Банката на Англија, беше издвоен и презентиран примерок од соодветен број златни прачки во сопственост на Република Северна Македонија. Гувернерот, заедно со својот тим експерти, изврши визуелна проверка на примероците, при што беше утврдено дека тие одговараат на сериските броеви и дека се со правилна форма којашто соодветствува на утврдените стандардни спецификации.
Имајќи ги предвид исполнувањето на високите стандарди и пристапноста до учесниците на пазарот на злато во Лондон, ова злато, при поволни пазарни услови, покрај неговата значителна ценовна апрецијација, може да се искористи и за остварување дополнителни монетарни приходи преку пласмани на краткорочни депозити и склучување трансакции со злато со централни и првокласни странски деловни банки.
Во Трезорот на Банката на Англија се наоѓа една од најголемите резерви на злато во светот. Банката на Англија се грижи за повеќе од 400.000 златни прачки вредни милијарди фунти. Златото се чува многу внимателно според највисоки безбедносни стандарди. Владата на Обединетото Кралство, банките и други влади низ светот имаат право да чуваат злато кај Банката на Англија.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на транспарентно, ефикасно и одговорно управување со девизните и златните резерви, во интерес на стабилноста и економскиот развој на државата, се додава во соопштението на Народна банка.











