Белоруското Министерство за надворешни работи денес го повика литванскиот вршител на должноста амбасадор во таа земја, Ерикас Вилканецкас, и поднесе протестна нота откако дронот полета од Литванија, прелета над Белорусија и Полска и се врати во Литванија.
Во соопштението на Министерството се наведува дека Минск ги смета ваквите дејствија за намерна провокација, не само против Белорусија, туку и против Полска, објавува агенцијата Белта.
„Ваквите дејствија претставуваат закана за безбедноста на Република Белорусија и се директно кршење на меѓународното право, вклучително и Чикашката конвенција за меѓународно цивилно воздухопловство“, се вели во соопштението.
Дронот наводно прелетал во воздушниот простор на Белорусија во неделата, 30 ноември.







