Поранешната македонска кошаркарка и актуелен тренер, Едина Муса, преку објава на социјалните мрежи откри дека оваа година повторно ќе застане на терен - овојпат за да си ја исполни одамна посакуваната лична желба.
Муса, која првпат застана на кошаркарски терен на само шест години, пишува дека кошарката била постојан дел од нејзиниот живот:
„Од мало шестгодишно девојче, преку тинејџерка и професионална кошаркарка, до репрезентативка и денес кошаркарски тренер“.
Таа откри дека единствената неостварена желба ѝ била повторно да заигра, но со една важна разлика:
„Само една желба ми остана неостварена, да застанам повторно на терен и да играм тоа што најмногу го сакам, а во публиката да биде моето дете“.
Денес таа желба добива реална форма, нејзиниот син Максим, кој се роди на 19 февруари 2025 година, ќе биде токму тој најважен гледач.
Муса додава дека годинава конечно ќе го направи тој чекор:
„Оваа година конечно ќе си ја исполнам и таа желба. Тоа си го должам себеси“.
Објавата ја завршува со препознатливиот потпис:
„Кошаркарката мама Дина“.
Муса важи за една од најистакнатите личности поврзани со женската кошарка во земјава, со професионална кариера зад себе и активна тренерска работа. Нејзината најнова одлука претставува ново враќање кон спортот, но овојпат со најлична мотивација досега.
Автор: Ц.Н.






