Почетокот на декември 2019 година го одбележа една тогаш поприлично „ситна“ вест, која од денешна перспектива претставува почеток на настаните што засекогаш ќе го променат светот во кој живееме.
Пред точно 6 години, односно на први декември 2019 година, еден жител на кинескиот град Вухан дошол кај својот лекар поради симптоми кои подоцна ќе станат сигурен знак дека лицето е заразено со вирусот Ковид-19.
За среќа, ова лице не го заразило своето семејство, па неговото доаѓање брзо било заборавено – сè до крајот на декември и почетокот на јануари, кога во Вухан започна пандемијата што само неколку месеци подоцна ќе го „замрзне“ целиот свет.
До средината на декември веќе беа потврдени првите неколку случаи, а до 31 декември вкупно 27 лица биле заразени, од кои седум во тешка состојба.
Во јануари 2020 година започна ширењето на пандемијата надвор од границите на Кина, па до крајот на првиот месец оваа година беа регистрирани првите случаи во дури 26 држави ширум светот, вклучувајќи „нулти пациенти“ во Европа (24 јануари) и САД (20 јануари).
Исто така, на почетокот на јануари, поточно на 9 јануари 2020 година, 61-годишен маж од Вухан почина од последиците на инфекцијата со вирусот, што претставуваше прва потврдена смрт.
До крајот на февруари, вирусот се прошири во уште 37 држави, а кај нас првиот случај беше потврден на 26 февруари 2020 година.

Иако затворањата започнаа уште во март, во април околу 3,9 милијарди луѓе – речиси половина од светската популација – беа под некаква форма на „локдаун“.
Во следните неколку години, сè до 5 мај 2023 година кога Светската здравствена организација го прогласи крајот на пандемијата, починаа повеќе од седум милиони лица, а вкупно повеќе од 700 милиони луѓе ширум светот беа заразени.
Важно е да се истакне дека различни вакцини против вирусот Ковид-19 беа развиени во исклучително краток рок. Веќе во јуни 2020 година, властите во Пекинг објавија дека ја тестираат вакцината „CanSino“ на припадници на војската, а во август истата година Русија ја одобри вакцината „Sputnik V“ за употреба во „итни случаи“.
Во ноември компаниите „Pfizer“ и „BioNTech“ поднесоа барање за одобрување на нивната вакцина во САД, а наскоро добија дозвола и во Велика Британија. До крајот на декември 2020 година, вакцината „Pfizer-BioNTech“ веќе беше одобрена во голем број земји ширум светот, како и во целата Европска Унија.
Освен во медицински контекст, пандемијата на вирусот промени и многу други аспекти од животот. Појави како работа од дома и онлајн-настава првично станаа „неопходно зло“, а потоа и систем што и денес активно се користи ширум светот, иако крајот на пандемијата беше прогласен пред две и пол години.

Пандемијата, односно реакцијата на владите ширум светот кон оваа вонредна состојба, доведе и до промени во политичкиот контекст. Големиот број смртни случаи и економијата во колапс ги чинеше многу лидери нивните позиции, вклучувајќи го тогашниот (и сегашен) претседател на САД Доналд Трамп, кој за својот втор мандат мораше да чека дополнителни четири години бидејќи во 2020 година ги загуби изборите од Џо Бајден.
Исто така, бројни политички аналитичари ги припишуваат одговорите на владите на пандемијата – особено во смисла на затворањето на пазарите и прогласувањето „локдаун“ – како еден од клучните фактори за растот на десничарските политички партии ширум светот.
Покрај политиката, пандемијата имаше огромно влијание и врз економијата. Запирањето на светските пазари и затворањето на економиите имаа огромен ефект, а многу економисти токму на пандемијата и на реакциите на владите ја припишуваат инфлацијата што во 2022 година ги погоди речиси сите земји во светот, а чијшто ефект го чувствуваме и денес.
Пандемијата на коронавирусот, заедно со финансиската криза од 2008 и 2009 година, претставува најголемата криза што го погоди светот во последните неколку децении – особено затоа што секој дел од планетата на некаков начин ги почувствува нејзините последици.
Шест години по првиот случај и две и пол години по прогласувањето на крајот на пандемијата, можеме да кажеме дека и понатаму ги чувствуваме нејзините ефекти и дека многу работи, можеби и неповратно, се променети.














