[ВИДЕО] Темната страна на животот во Бали: Проблеми за кои не се зборува

Точка

27/11/2025

16:17

475

Големина на фонт

а а а

За многумина Бали е синоним за рај на земјата – остров на бујни џунгли, драматични вулкански врвови и бескрајни песочни плажи кои привлекуваат милиони посетители секоја година.

Но една поранешна жителка откри дека животот на „островот на боговите“, како што често го нарекуваат, изгледа поинаку од фотографиите на Инстаграм и промотивните разгледници.

Наместо безгрижната егзотика, иселениците неретко се соочуваат со исцрпувачка бирократија, недоволно опремени болници, загадување, скриени трошоци и живот во своевиден „балон“ кој честопати е далеку од вистинскиот индонезиски живот.


Во 2024 година Бали забележал дури 1,4 милиони меѓународни и домашни пристигнувања, додека на островот живеат околу 4,2 милиони луѓе. Со зголемувањето на бројот на туристите и иселениците, се' погласни се и оние кои предупредуваат дека секојдневието на островот не е секогаш идилично. Аинура Калау, која со сопругот поминала девет месеци на популарниот Кангу, опишала низа предизвици – од инфраструктурни проблеми и постојаната борба со визи до загадување и чувство на сè поголема изолираност, поради што решиле да го напуштат островот.

Стрес на самиот почеток

Според неа, уште на почетокот од престојот се соочиле со „исцрпувачки“ режим за издавање визи. Повеќето странци пристигнуваат со туристички визи што треба да ги обновуваат на секој еден или два месеци, а и со помош на агент тоа се претвора во редовно предавање на пасошот и постојано планирање.

„Таа неизвесност ве јаде. Никогаш целосно не се одомашувате бидејќи знаете дека времето, колку и да го обновувате, всушност ви е ограничено. Тешко е долгорочно да се поврзете со што било кога правниот статус секогаш ви е привремен“, истакнала Калау.


Неадекватна здравствена заштита

Помалите здравствени проблеми лесно се решаваат, но посериозните случаи можат да значат итна евакуација во Сингапур или Банкок. Калау се присетила на пријателка која се сомневала на воспаление на слепо црево, а локалната болница не била опремена за операција – нејзиното осигурување организирало итен лет за неа. Осигурувањето што ги покрива таквите евакуации, како што предупреди Калау е „екстремно скапо“, па затоа многу помлади иселеници го избегнуваат.


Загадување кое сè потешко се игнорира

Иако Бали е познат по својата природна убавина, Калау рече дека состојбата со животната средина е загрижувачка. „Островот има сериозен проблем со ѓубрето – го гледате по патиштата, во реките, а морето го исфрла на многу плажи за време на дождовната сезона“, напиша таа.


Друг проблем е палењето ѓубре навечер, практика што создава густи облаци од чад и како што тврди влијае на здравјето на жителите. Нејзиниот сопруг се бори со хроничен синуситис, а таа развила постојана кашлица.

Живеење во иселенички „меур“

Кангу, Семињак и Убуд станаа центри за дигитални номади – и места со свои, донекаде изолирани микросветови. „Кафулињата се полни со странци кои нарачуваат авокадо тост и специјално кафе, а многумина поминуваат низ шестмесечен престој без да научат ниту еден индонезиски збор“, раскажа Калау.

Јазот во приходите е огромен: месечната кирија за луксузна вила е често колку што едно локално семејство троши за шест месеци.

Површни и минливи пријателства

Иако Бали е познат по својата жива социјална сцена, постојаната флуктуација на жителите резултира со врски кои ретко стануваат подлабоки. „Секој доаѓа и си оди. Се зближувате со некого, а тој си оди за еден месец. Циклусот на запознавање постојано се повторува“, додаде таа.


Понатаму, таа почувствувала еден вид конкуренција – кој патува на „најкул дестинации“ и чиј живот на социјалните медиуми е „најзавиден“. Со текот на времето, како што рече тоа станува заморно.

Инфраструктура што не ги задоволува потребите

За дигиталните номади, стабилната инфраструктура е од суштинско значење за работа – а на Бали, тоа често не е случај.

Струјата, како што раскажа Калау, редовно снемувала, па затоа морале да плаќаат на два различни интернет-провајдери. Во нивната вила имале проблеми со мувла, поплави, слаб притисок на водата и последици од обилните дождови. Сообраќајниот хаос и ризиците од возење со скутер, исто така, го зголемуваат стресот.


„Прифатлив живот“ што често не е

Иако Бали има репутација како евтина дестинација, Калау рече дека тоа ретко се однесува на иселениците. „Можете да живеете многу евтино ако јадете локално, ги избегнувате туристичките области и живеете како локален жител. Но, повеќето иселеници сакаат убава вила, западна храна и коворкинг простор со добар интернет“, објасни таа.

Кога ги зеле предвид визите, квалитетното здравствено осигурување, повратните летови и повисоките цени во популарните области, откриле дека нивните заштеди се топат. Покрај тоа, влажноста и мувлата брзо ја уништуваат облеката и електрониката – уште еден „скриен трошок“.


Осаменост и чувство на неприпадност

На крајот на краиштата, емоционалниот товар од живеењето меѓу две култури одиграло клучна улога. „Не бев турист, но не бев ни вистински жител“, призна таа. За време на нивниот престој, тие пропуштиле важни семејни моменти, свадби, средби – искуства што не можат да се вратат.

„Некаде околу седмиот месец од живеењето таму, почнав да чувствувам осаменост што немаше никаква врска со бројот на луѓе околу мене. Ми недостигаше да имам корени. Да бидам дел од заедница во која придонесувам со нешто повеќе од туристичките долари“, заклучи таа.