Василевска и Мираковска со евроизвестителот Вајц: разменети мислења за актуелните случувања во државата

Макфакс

26/11/2025

19:06

116

Големина на фонт

а а а

Пред почетокот на 24. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет РСМ – ЕУ, кој денес и утре се одржува во седиштето на Европскиот парламент во Стразбур, копретседавачката Иванка Василевска и заменик-копретседавачката Соња Мираковска, остварија средба со известителот за Република Северна Македонија во Европскиот парламент, Австриецот Томас Вајц, кој по функција учествува во работата на ова заедничко парламентарно тело.

На средбата беа разменети мислења за актуелните случувања во државата, напредокот на реформската агенда, Извештајот на Европската комисија, како и за очекувањата од престојниот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет.

Василевска изрази благодарност за сите вложени напори од страна на Европскиот парламент и посебно од известителот Вајц за придвижувањето на процесот на приближување кон Европската Унија и потенцираше дека сите релеванти политички фактори во земјата се целосно посветени на оваа цел.

Известителот Томас Вајц ја искористи оваа пригода да ја изрази силната и недвосмислена поддршка од страна на Европскиот парламент за евроинтеграцијата на Република Северна Македонија заснована на постигнати резултати и заедничка соработка.