Неколку основни училишта во западниот дел на Загреб ги предупредиле родителите за содржини што ги разменувале ученици во „Ватсап“-група наречена „Луѓенца“, објави „Јутарњи“.
Според информациите, во групата се споделувале експлицитни сексуални материјали, нацистички симболи и фотографии со крајно насилен и вознемирувачки карактер. Директори на училиштата ги повикале родителите да обрнат поголемо внимание на активностите на своите деца на мобилните телефони.
Една мајка за која пишува „Јутарњи“ изјавила дека е згрозена кога дознала на каков материјал може да наидат децата, предупредувајќи дека многумина родители не знаат како да пријават несоодветна содржина на „Ватсап“. Училиштата, според весникот, најавиле дополнителна едукација за безбедно користење на интернет.
Психологот Јокиќ Бегиќ за „Јутарњи“ изјавил дека ваквите случаи укажуваат на сериозен пад на општествените норми и недостиг на контрола, нагласувајќи дека решението е навремена едукација и јасно одбивање на вакви содржини од страна на јавноста.
Од Град Загреб за „Јутарњи“ потврдиле дека станува збор за неколку училишта и дека случајот е пријавен во полиција. Оттаму апелираат родителите да ги следат активностите на своите деца на социјалните мрежи и да пријавуваат сомнителни материјали.
Директорка на едно од училиштата, чија порака ја пренесува весникот, навела дека слични содржини се делат и на „Снепчет“, предупредувајќи дека станува збор за одвратна и опасна содржина што може да го загрози менталното здравје и безбедноста на децата.







