Ново рочиште за „Пулс“: Обвинетите ќе се произнесат дали се виновни или не, а одбраната ќе ги даде воведните зборови

A1ON.MK

25/11/2025

09:05

495

Големина на фонт

а а а

Во судницата во Идризово денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а над 200 беа повредени. Судењето треба да продолжи со произнесување на вина и воведни зборови на одбраната, откако на изминатото рочиште обвинителството во воведниот говор порача дека се бара одговорност по име и презиме за тоа кој дозволил, кој молчел и кој не ја спречил трагедијата во ноќниот клуб.

Обвинителот Борче Јанев на првото рочиште за трагичниот пожар истакна дека се бара одговорност по име и презиме, а општеството мора да се соочи со болната вистина и да извлече легитимни одговори за тоа кој дозволил, кој молчел и кој не спречил, бидејќи, како што рече, се бара правда не како утеха или одмазда, туку како последица на незаконитост. „Не е важно само кој го запалил огнот, важно е кој имал кофа вода и не ја истурил“, рече Јанев, нагласувајќи дека катастрофата не е резултат само на пиротехниката, туку на години институционален молк, пропусти и недостиг од контрола кои го претвориле клубот во „смртоносна стапица“.

Обвинителот нагласи дека доказите ќе покажат оти клубот „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од самиот почеток.

-Доказите кои ќе бидат изведени ќе покажат дека без никакви дилеми злоделото во овој настан не е и не може да биде само казнивото дејствие на активација на пиротехниката, злодело е и самото постоење на овој објект толку години. Клубот „Пулс“ отсекогаш бил безбедносна смртоносна стапица, буре барут. Никулците на оваа невидена катастрофа биле одамна изникнати и сите пресудлови за тоа одамна поставени. Доказите ќе покажат дека опасноста која демнела со години никој од овие обвинети не сакал да ја погледне и види, меѓутоа требало, морале и биле должни да ја видат и спречат, порача Јанев.


Во овој настан нема случајности, порача Јанев, нагласувајќи дека постои јасно дефиниран кривично правен образец на непостапување кој само поради тешките настапени последици не дозволуваат коментар во несериозен контекст.

-Никој од обвинетите не видел основа за реакција затоа што и другиот пред него тоа не го направил. Нема да видите доказ за било какви дејствија преземени од некој од обвинетите кои би дале поинаков тек на настанот. Нема никакво отстапување од веќе пројавените и долготрајно повторувани еднобразни облици на непостапување. Од овој индолентен бирократски канал и рутина никој не излегол. Доказите ќе покажат дека каузалниот тек на настанот е непрекинат, сѐ до настапување на последицата, порача Јанев.

Сите обвинети, нагласи Јанев, како службени лица само го наследувале и го прифатиле молкот како службен протокол. Вака создадениот преплет од кривичноправни дејствија, како резултат на негрижа, толерирање и игнорирање на сите безбедносни закани и опасности, според Обвиниетлството, директно се согледува во самата настапената последица на 16 март 2025 година.


Трагедијата од 16 март 2025 година, според Обвинителството, е резултат на систематска негрижа и игнорирање на безбедносните закани: дискотеката функционирала без противпожарен систем, со затворени прозорци, лесно запаливи и токсични материјали и само еден излез за евакуација, додека во критичната вечер бил дозволен неконтролиран влез на над 600 гости, меѓу кои и деца по полноќ, без проверки за опасни средства. Настапот на групата ДНК бил претходно договорен со употреба на пиротехника, а вградените материјали – особено сунѓерот на плафонот – при согорување ослободиле смртоносни гасови, што во услови на недоволни излези довело до загуба на млади животи и катастрофални последици.

Судењето се одвиваше под засилени безбедносни мерки. Покрај обвинетите, во судницата беа присутни и роднини на настраданите во несреќата, претставници на обвинителството и на одбраната, домашни и странски новинари.

Осум месеци по несреќата, на обвинителна клупа седнаа 37 обвинети од кои 34 физички и три правни лица. Меѓу нив има сопственици на локали, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.

Обвинети се Дејан Јованов, Митко Стојанов, Михаил Јованов, Гроздан Милковски, Милка Едровска, Тодор Јованов, Огњан Георгиев, Љупчо Стаменков, Николчо Гоцев, Ратко Димитровски, Николчо Илијев, Љупчо Папазов, Јане Јанчески, Лазар Захариев, Ивица Грозданов, Мартин Горгиев, Стојанчо Димитријев, Шабан Салиу, Аднан Џафероски, Беким Максути, Џеват Селами, Љупчо Грнчиштанов, Ваљон Сараќини, Крешник Бектеши, Џеваир Камбери, Шовкет Хазари, Зоран Николовски, Беким Хаџиу, Арлинда Касапи, Миле Ампов, Блашка Ефтимова, Весна Кузмановска, Емил Митев, Размена Чекиќ-Дуровиќ, „ММММ КАФЕ“ ДООЕЛ Кочани, РУБИКОН СЕКЈУРИТИ СОЛУШНС, ВЕНЦИ ПРОЕКТ ДООЕЛ Кочани.

Покрај главниот процес за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, има и посебна постапка против полицајци. Тие се сомничат дека во текот на повеќе од една деценија давале лажни уверувања и дозволувале дискотеката да работи без исполнети безбедносни услови. Дел од нив се веќе во притвор, а други се под мерки на претпазливост. Се товарат за „тешки дела против општата сигурност“ како соизвршители, бидејќи со нивните пропусти директно придонеле за создавање на услови во кои се случи трагедијата.

Истовремено, изминатата недела Обвинителството соопшти дека е поведена постапка против група вработени во УЈП, кои се сомничат за мито и злоупотреби поврзани со истиот случај. Биле извршени претреси на нивните домови и работни места, а обвинителството истражува дали тие имале улога во прикривање или олеснување на незаконското работење на дискотеката.

На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.

Судењето го води судијката Диана Груевска Илиевска, а обвинителството ќе биде застапувано од тим од 15 јавни обвинители.

Пред почетокот на првото рочиште Судијката Груевска Илиевска порача дека ќе бара дисциплина од сите странки и присутни во судницата, нагласувајќи дека за секое непотребно одлагање ќе следува санкција.