Случаите на грип невообичаено рано се шират во земјите од Европската унија, објави Европскиот центар за превенција и контрола на болести „ECDC“ на својата официјална веб-страница.
Нов вид на грип, подгрупата К на грип А(H3N2), се појавил три до четири недели порано отколку во последните две сезони, предупредува „ECDC“ и апелира граѓаните да се вакцинираат без одлагање.
„Оваа година гледаме дека грипот е регистриран многу порано од вообичаено, а тоа значи дека времето е клучно“, изјави Едоардо Колцани, раководител на Одделението за респираторни вируси во „ECDC“.
Тој ги повика сите кои ги исполнуваат условите за вакцинација да не чекаат, нагласувајќи дека „вакцинацијата е еден од најефикасните начини да се заштитите себеси и оние околу вас од сериозни заболувања оваа зима“.
🚨 Flu season has begun across the WHO European Region—about 4 weeks earlier than average.
— WHO/Europe (@WHO_Europe) November 21, 2025
While not that unusual, with influenza, COVID-19 and RSV circulating, vaccination is key.
For the latest updates, visit: https://t.co/ieeOKfeiiX pic.twitter.com/LPHaQYyqGG
Препораката на „ECDC“ е веднаш да се вакцинираат сите кои припаѓаат на ризичните групи – лица постари од 65 години, бремени жени, лица со хронични заболувања, имуно-компромитирани пациенти и оние кои живеат во затворени заедници, како установи за долготрајна нега.
„ECDC“ се подготвува за сценарио во кое Европа би можела да се соочи со потешка сезона на грип од претходните, особено ако стапката на вакцинација остане ниска.
Поголем број инфекции отколку вообичаено исто така би значел дополнителен притисок врз здравствените системи.
„Здравствените установи и установите за долготрајна нега треба да ги зајакнат своите планови за подготвеност и мерките за превенција и контрола на инфекции, како и да го поттикнат персоналот и посетителите да носат маски во периоди на зголемена циркулација на респираторни вируси“, стои во апелот на „ECDC“.

Во типична сезона, со грип во Европа се заразуваат до 50 милиони луѓе, а од последиците од инфекцијата умираат меѓу 15.000 и 70.000 заболени. Погодени се сите возрасни групи, но децата имаат највисоки стапки на заболување и обично се првите што се разболуваат и ја пренесуваат болеста на своите семејства.
Проценките покажуваат дека до 20 проценти од населението заболува од грип секоја година, што доведува до изостаноци од училиште и работа и значително влијае врз функционирањето на здравствените системи.











