Борба на секс-икони: Карано и Роузи ќе ги срушат сите рекорди

Точка

01/04/2026

15:06

556

Големина на фонт

а а а

Ронда Роузи и Џина Карано се враќаат во кафезот во 2026 година во спектакл што го организира „Most Valuable Promotions“. Карано по ММА кариерата стана филмска ѕвезда, додека Роузи се проби во светот на кечерите.

По повеќе од една деценија чекање и шпекулации, борбата што многумина ја сметаа за невозможен сон ќе стане реалност.

Двете најголеми пионерки на женскиот "ММА", Ронда Роузи и Џина Карано, ќе влезат во кафезот на 16 мај 2026 година.

Но, овој камбек на легендите во салата "Intuit Dome" во Калифорнија е многу повеќе од спортски спектакл. Тоа е директен удар врз "UFC", организацијата што ги создаде, а која Роузи – некогашната најголема ѕвезда – сега јавно ја нападна со сериозни обвинувања.

Настанот, кој ќе се пренесува на „Netflix“ како прв ММА меч на таа платформа, го организира „Most Valuable Promotions“ (MVP) на Џејк Пол, со што се создава нова, силна конкуренција на сцената што со години ја доминираше Дејна Вајт.


Иако влезе во историјата како прва женска шампионка и една од најплатените ѕвезди на "UFC", Ронда Роузи (39) ја искористи најавата на борбата за жестока пресметка со поранешниот работодавец.

На прес-конференција без задршка ја обвини водечката светска "ММА" промоција за алчност и срамно ниски плати за борците.

„UFC некогаш беше најдоброто место во боречките спортови каде можеше чесно да се живее од борба. Денес е едно од најлошите места за тоа“, изјави Роузи и ја шокира јавноста.

Таа додаде дека ситуацијата е толку лоша што дури и шампионките се принудени да бараат дополнителни извори на приход на сомнителни платформи.

„Затоа нивните шампионки, како Валентина Шевченко, продаваат фотографии од своето тело на „OnlyFans“. Многу борци од пониско ниво не можат да ги прехранат своите семејства и живеат на работ на сиромаштија, а компанијата штотуку доби 7,7 милијарди долари од ТВ права. Нема причина да не можат да ги платат своите спортисти барем за пристоен живот“, порача таа.


Роузи, која се враќа по речиси десетгодишна пауза и пораз од Аманда Нуњес во 2016 година, истакна дека не се враќа само за себе, туку за да „го промени целиот пејзаж на спортот и да го предизвика монолитот каков што стана UFC“. Нејзиниот камбек доби нова димензија – стана симбол на отпор кон системот што самата помогна да се изгради.

Од другата страна на кафезот ќе стои жената поради која женскиот "ММА" воопшто стана глобален феномен.

Џина Карано (43), која медиумите често ја нарекуваа „лицето на женскиот ММА“ и најатрактивната борка во светот, се враќа во спортот по неверојатни 17 години.

Последен пат се бореше во 2009 година против Крис Сајборг, по што октагонот го замени со Холивуд.


Изгради успешна актерска кариера, појавувајќи се во блокбастери како „Deadpool“, „Fast & Furious 6“ и во популарната серија „The Mandalorian“. Сепак, повикот од Роузи не можела да го одбие.

„Да го споделам овој момент со неа и да бидам таа поради која се врати е нешто единствено‘. Живееме само еднаш, а ова ме прави да се чувствувам толку жива и неизмерно сум благодарна за шансата“, изјави Карано.

Нејзиното враќање не е мотивирано од пари или слава, туку од почит кон ривалката и желба заедно „да го препишат крајот на своите приказни“ под сопствени услови, далеку од контролата на UFC.


Мечот меѓу Роузи и Карано беше блиску до реализација уште во 2014 година, но преговорите со Дејна Вајт пропаднаа.

Сега, 12 години подоцна, го организира Џејк Пол – јутјубер кој стана боксер и успешен промотор, кој отворено му ги „краде“ најголемите ѕвезди на "UFC".

Ангажманот на Франсис Нгану и Нејт Дијаз на истиот настан потврдува дека не станува збор за егзибиција, туку за создавање сериозна конкуренција.


Борбата ќе се одржи во перолесна категорија (до 66 кг) на пет рунди по пет минути, а интересно е што ќе се одвива во хексагон – шестаголен кафез, како омаж на деновите на „Strikeforce“, промоцијата во која двете боречки се прославија.

Иако и двете се далеку од своите најдобри денови, а „’рѓата“ од долгата пауза ќе биде неизбежна, резултатот е во втор план. Победата веќе е остварена – две икони се вратија за да ја преземат контролата над своето наследство и да ги разнишаат темелите на боречкиот свет.