Мадуро: САД нè провоцираат, нападот би бил крај на кариерата на Трамп

Макфакс

19/11/2025

07:43

263

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Венецуела предупреди дека секоја американска воена интервенција во неговата земја би значела „политички крај“ за американскиот претседател Доналд Трамп.

Во телевизиско обраќање во понеделник, Николас Мадуро рече дека оние околу Трамп „провоцираат“ вооружена акција што, како што рече, „ќе го доведат Трамп до крајот“.

Тој додаде дека постои „напор од страна на моќни сектори во САД да го уништат Трамп“ користејќи ја ситуацијата во Венецуела.

„Тие сакаат претседателот Трамп да ја направи најголемата грешка во својот живот и да тргне воено против Венецуела, што би бил политички крај на неговото водство и неговото име. Тој е под притисок и провоциран“, рече Мадуро.

Оваа „провокација“, продолжи тој, „доаѓа од неговите противници и познати непријатели, но и од луѓето околу него кои веќе сметаат на периодот по Трамп и не се грижат дали ќе му наштетат“.

Мадуро рече дека не знае кои би можеле да бидат тие непријатели и призна: „Да знаев, не би кажал кој е тоа“.

Претседателот, исто така, рече дека Венецуела е подготвена за директен дијалог со Вашингтон, повторувајќи дека дипломатијата и потрагата по „заеднички точки“ остануваат цврста и непроменета позиција на неговата влада.

Мадуро истакна дека „16 недели закани, психолошка агресија и надзор“ „разбудија ревитализирани и мобилизирани боливарски национални вооружени сили, проширена и подобро обучена боливарска милиција и заедница која мирно ги спроведува своите планови и ја поддржува својата армија“.

Одговор на Трамп

Трамп во неделата изјави дека „може да има разговори“ со Мадуро „затоа што Венецуела сака да разговара“, иако подоцна наговести дека веќе е донесена одлука за тоа какви мерки да се преземат кон карипската земја, без да даде детали.

Американскиот Стејт департмент во неделата објави дека ќе ја означи групата Картел де лос Солес, која Вашингтон ја поврзува со Мадуро, како странска терористичка организација од 24 ноември. Венецуела ја отфрли изјавата како „измислица“.