„Apple“ чорап за "iPhone" од 260 евра — исмеан на мрежите, па целосно распродаден

Точка

18/11/2025

21:41

384

Големина на фонт

а а а

Дека „Apple“ може да продаде буквално сè, најдобро сведочи нивниот нов производ — додаток за "iPhone" кој не е ни гаџет, но предизвика хистерија каква обично се гледа кога ќе излезат нови патики или кога луксузен моден бренд претставува ограничена колекција. „iPhone Pocket“, носив држач за телефон создаден во соработка со јапонската модна куќа „Issey Miyake“, беше распродаден за само неколку минути!

Многумина му се смееја на овој премиум „Apple“ експеримент, прв од ваков тип во нивната понуда покрај "iPhone" — но сега може само да тријат раце.

Моден детаљ или само чорап?

По цена од околу 260 евра, „iPhone Pocket“ масовно беше исмеан на мрежите како „преголем чорап“. Социјалните мрежи експлодираа. Еден корисник на „X“ напиша: „260 евра за искинат чорап“, додека популарен Јутјубер го нарече производот „лакмус тест“ за фанови кои „купуваат или бранат сè што ќе извади ’Apple‘“.

Од „Apple“, сепак, инсистираат дека има смисла. Додатокот е дел од лимитирана колекција создадена со „Issey Miyake“, брендот зад иконските црни ролки на Стив Џобс. Дизајнот се надоврзува на "APOC" концептот на "Miyake" („A Piece of Cloth“) од 1997 година, инспириран од идејата за создавање функционален „џеб“ од парче ткаенина.

„Pocket“ доаѓа во осум бои со кратка лента и во три бои како „crossbody“ варијанта.


Исмеан — но распродаден

Реакциите на мрежите беа поделени. Некои го фалеа минималистичкиот дизајн, други пак се шегуваа дека неговата „чорапеста“ структура не нуди никаква безбедност, нарекувајќи го „сон за џепчии“, а многумина не одолеа да го споредат со познатите бикини на Борат.

Од „Apple“ го опишуваат „Pocket“ како омаж на „Issey Miyake“, славење на занаетчиството и иновативниот дизајн.

Ограничените количини, високата цена и глобалниот интерес го претворија „Pocket“ во колекционерски предмет, наликувајќи на „iPod Socks“ од раните 2000-ти. Препродавачите веќе го нудат по многу повисоки цени.

3D-плетениот „Pocket“ може да собере било кој iPhone, но и ситници како „AirPods“ слушалки или балсам за усни. „Apple“ го лансираше само во десет физички продавници ширум светот — меѓу нив Токио, Париз, Милано, Лондон и Њујорк (SoHo) — што ја зголеми ексклузивноста.

Тест за лојалноста кон брендот

Критичарите ја исмеваа цената, но поддржувачите велат дека таа го одразува потписот на „Issey Miyake“ и ја евоцира историјата на „Apple“. Аналитичарот за социјални мрежи Мет Навара за "BBC" изјави дека цената има многу малку врска со практичноста, а многу повеќе со „формата, брендирањето и ексклузивноста“, како и тестирање на границите на лојалноста кај „Apple“ фанатиците.


Носталгија и омаж за минатото на „Apple“

Соработката носи и емоционална тежина: "Miyake" ги дизајнираше црните ролки на Стив Џобс, кои се подеднакво симболични како и логото на „Apple“. Фанови како Овен Сандерс го славеа тој детаљ, нарекувајќи го „Pocket“ смислена мода и колекционерска уметност.

И покрај мемињата, шегите и потсмевот, „iPhone Pocket“ се распродаде ширум светот. Креаторот на содржини Мајкл Џош го спореди со „поседување уметничко дело“, покажувајќи дека за многу фанови — хајпот и ексклузивноста секогаш го победуваат прашањето на практичноста.