Урбан ФМ со нов концепт: Марко Новески во „Скопје се буди“, женска водителска постава во „Урбан Бла Бла“

Точка

18/11/2025

14:41

237

Големина на фонт

а а а

Во време кога македонскиот етер е преполн со реплики, рециклирани формати и комерцијални содржини, Урбан ФМ радио (90,8 Mhz) одлучи да започне нова сезона со автентична енергија и свеж пристап.

Ова радио, препознатливо по својата мисија да ја негува македонската музика и урбаната култура, повторно го потврдува својот карактер - современ, млад и искрен.

Најголемо освежување во утринската програма е преминот на популарниот водтел Марко Новески - еден од најпрепознатливите гласови на радиото, кој од вчера ја води утринската емисија „Скопје се буди“, која се емитува секој работен ден од 8 до 11 часот. Уште со првото издание, Марко покажа дека неговиот стил, позитивна енергија и способност да зборува за сè од музика, култура и шоу-биз, до секојдневни теми и интересни градски приказни – се идеалната формула за утринска мотивација. Три часа исполнети со информации, ставови, локални вести и лесен хумор - токму она што му треба на Скопје пред да влезе во својата дневна брзина.


Со трансферот на Марко, програмата добива уште едно значајно освежување. Емисијата „Урбан Бла Бла“, која се емитува секој работен ден од 12 до 14 часот и која веќе ја освои младата публика, од оваа недела функционира со целосно женска водителска постава. Петте млади водителки - Теа Трајковска - пејачка, Дона Неделковска - инфлуенсерка, Ана Јаневска - книжевен критичар и љубител на литературата, Лара Иванова - пејачка и Ивона Трајановска - претприемачка, основач и претседател на здружение за млади претприемачи Phoenix Rising и проектен менаџер во Рикомак, ќе се менуваат во улогите на водителка и ко-водителка, создавајќи динамична, шарена и секогаш свежа енергија во етерот.


Првата улога на водителка вчера ја презема Теа Трајковска, позната пејачка чија музичка чувствителност и природна харизма веднаш ја оживеа емисијата. Теа покажа дека совршено се снаоѓа зад микрофонот – водеше сигурно, топло и со одличен ритам, оставајќи впечаток дека „Урбан Бла Бла“ е природно место за нејзиниот глас.

Како дополнување на модерниот концепт, Урбан ФМ останува единственото радио во Македонија што ги синхронизира сите свои содржини на повеќе платформи: емисиите се пренесуваат во живо на YouTube (како Urban FM TV), достапни се како подкасти и секој ден се споделуваат кратки видео-исечоци на социјалните мрежи. Така, Урбан ФМ успешно се пласира паралелно во етерот, на екраните и во дигиталниот простор — нешто што речиси ниту едно друго радио кај нас не го прави на овој начин и со ова темпо.

Со млади водителски имиња, со проширена утринска програма и со јасна ориентација кон модерни медиумски формати, Урбан ФМ ја започнува новата сезона со силна изјава: урбаното радио може да биде музичко, креативно, младо и автентично - и истовремено да зрачи македонски.