Хрватските навивачи по нападот во Цетиње: „Не ги осудуваме Црногорците“

Макфакс

17/11/2025

07:59

272

Големина на фонт

а а а

Група хрватски навивачи беа нападнати во Црна Гора во неделата вечерта на пат кон Подгорица, каде што се играше фудбалски натпревар.

Инцидентот се случил во Цетиње, а страничниот прозорец на комбе со сплитска регистрација бил скршен. И покрај нападот, навивачите изјавиле дека ова е изолиран инцидент и дека продолжуваат со своето патување кон натпреварот за да го бодрат својот тим, пишува црногорскиот портал „Побједа“.

Откако дадоа изјави пред полицијата во Цетиње, навивачите не сакаа да зборуваат пред камера, но еден од нив накратко го коментираше инцидентот за Радио Цетиње. „Ние не ги осудуваме Црногорците како народ, тие нè нападнаа со качулки на главите. Вакви инциденти се случуваат и тука“, рече тој, додавајќи дека ја сакаат и почитуваат Црна Гора и продолжуваат кон Подгорица.

Според достапните информации, навивачите успеале да избегаат од напаѓачите по нападот и сè пријавиле на полициската патрола на влезот во Цетиње. Градоначалникот на Цетиње, Никола Ѓурашковиќ, ги посетил во полициската станица и им понудил помош, за што му се заблагодариле. Тие го напуштиле градот синоќа кратко по 23 часот со полициска придружба.