Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свечената академија по повод 100-годишинината од основањето на Планинарскиот клуб „Љуботен“, одржана под нејзино покровителство во Домот на културата „Иљо Антески – Смок“ во Тетово.
За неа, неспорно е дека планинарењето како спортска и рекреативна активност ги подобрува телесното и менталното здравје и ги јакнее карактерот и личноста на човекот.
„Време е да ги следиме инспиративните примери на државите во кои рекреативното планинарење не само што е интегрирано во програмата по Физичко образование во сите образовни институции и степени, туку и масовно се практикува како елемент на филозофијата на здрав живот. Да им помогнеме на Министерството за спорт и Министерството за образование во промоцијата на рекреативното планинарење и во негово омасовување. Да му посветиме поголемо внимание на предметот Физичко образование во сите степени на образование и да вклучиме во него искачување на планина, оти над речиси секое наше населено место има таква, не случајно. Да изградиме, во соработка со локалната самоуправа соодветна инфраструктура, планински домови, куќички, видиковци, но и поголеми сместувачки капацитети, одморалишта, хостели, хотели. Знам дека имаме скромни капацитети и можности, но може да почнеме со реновирање на планински домови, а потем и со градење нови. Свесна сум дека се работи за големи инвестиции, но со очекувана сигурна добивка и придобивка за сите граѓани. Не ни требаат светски примери од далеку, доволно е да ги видиме и следиме примерите од соседството за односот кон планините и природата, кон планинарењето и спортот“, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова

Честитајќи го овој значаен јубилеј, таа им изрази особена благодарност на многуте генерации членови на „Љуботен“ за докажаната љубов, почит и грижа за прекрасната Шар Планина и за природата, како и за нивниот личен и колективен придонес во промовирањето и популаризирањето на здравиот живот.
Присутните имаа ретка прилика да ја проследат богатата историја на најстариот македонски планинарски клуб „Љуботен“ преку презентацијата на документарен филм и мултимедијалната изложба во галеријата на Домот на културата.
На претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на неколкумина најзаслужни членови на клубот, како и на неколку домашни и странски институции и програми им беа доделени плакети за трајни вредности.










