Владата на ВМРО-ДПМНЕ не ги покачи даноците, туку само ја подобри нивната наплата. За Владата на ВМРО-ДПМНЕ нема привилегирани фирми и селектирани должници. За Владата на ВМРО-ДПМНЕ сите се еднакви пред законите и законите се еднакви и исти за сите. Владата ги одржува во постојана и нагорна кондиција платите, пензиите и инвестициите, а паралелно ги намалува дефицитот и јавниот долг. Со оваа Влада нема еднократни приходи и вонредни такси. Владата финансира и мотивира домашни капитални проекти и враќа нечии стари долгови, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска на собраниската комисија за Предлог – буџетот за 2026 година.
„Знаете како, едно е да се задолжувате за луксуз, а сосема друго е да се задолжувате за да инвестирате, да градите, да креирате нови производни капацитети и нови работни места. Луксузот е само потрошувач на капитал, додека нова инвестиција е креатор и создавач на нов – дополнителен капитал“, вели Стојаноска.
Стојаноски посочи „не знам или не сум чула дека постои некоја школа за економија која ве учи како да крадете“.
„Овие претходните не знам што школа имаат учено, ама видовме дека ништо не создадоа или од нешто – ни оставија ништо, плус борч. Ни оставија во наследство само огромни долгови. Ниту една капитална реализација, ниту еден километар автопат, ниту една нова болница, ниту една инвестиција на која би се сеќавале и од која би имале бенефит“, кажа Стојаноска.
Според неа со овој Предлог на буџет за 2026 не се ветуваат чуда, но се ветуваат реални приходи, солидни капитални инвестиции, домаќински расходи, постепен, но стабилен раст на платите и пензиите, дефицит кој пополека, но сигурно се намалува, како и континуирана поддршка за сите општини подеднакво.
„И, да, да бевме власт каква што беше онаа на СДСМ и на ДУИ, можевме да ветиме многу повеќе и многу попомпезно. Но – ете, за нечија жал, а за среќа на нашите граѓани, ние цврсто газиме на тлото и немаме крила за летање, ниту скапи мотори за ашикување, и тоа во време на полициски час. Ние во 2026 и покрај сите долгови од СДСМ и ДУИ ќе се потрудиме за нашите граѓани да обезбедиме подобри патишта, повеќе локални инфраструктурни проекти, поопремени здравствени установи кои ќе нудат поквалитетни услуги за сите пациенти, подобро опремени училишта и факултети кои ќе создаваат поквалитетни кадри за во иднина, почиста животна средина за сите, побезбедни улици и градови. Ќе се потрудиме кај народот да ја вратиме надежта и да му го направиме животот во Македонија поубав. Да имаме здрава нација и млади кои ќе сакаат да останат дома, да работат и инвестираат, да создаваат семејства и да бидат среќни“, посочи Стојансока.
Стојаноска заклучи дека ништо не се реализира преку ноќ и без многу работа и напор.
„Ние сме генерацијата која мора да се жртвува за да биде подобро. Која мора да работи чесно и посветено, за да испорача резултати“, заокружи Стојаноска.











