Канаѓаните не му простуваат на Трамп: Десет месеци по ред драстично опаѓа бројот на патувања во САД

Точка

14/11/2025

08:42

540

Големина на фонт

а а а

Октомври беше десетти месец по ред во кој се намалува бројот на канадски патници во САД. Причината е Доналд Трамп, неговите царини и односот кон соседната држава, што Канаѓаните, очигледно, не го простуваат така лесно.

Воздушниот сообраќај од Канада кон САД опаднал за речиси 24%, додека патувањата со автомобил се намалиле за повеќе од 30% во споредба со истиот период минатата година, според податоците што оваа недела ги објави канадскиот завод за статистика.

САД забележале пад на меѓународната потрошувачка од 3,2%, главно поради намалениот број посетители од Канада, според податоците на Американската асоцијација за патувања, непрофитна група што ја претставува американската туристичка индустрија.

Додека односите меѓу двете земји остануваат ладни, главно како одговор на новите царини што ги воведе Трамп, Канаѓаните очигледно се решителни да им покажат студен однос на своите јужни соседи.


Според податоците на Американската туристичка асоцијација, Канаѓаните во минатото сочинувале околу една четвртина од сите меѓународни посетители на САД, трошејќи над 20 милијарди долари годишно.

Тие почнаа да ги ограничуваат своите патувања во САД откако Доналд Трамп оваа година воведе низа царини на канадска стока, наведувајќи дека сака да го намали трговскиот дефицит – разликата меѓу вредноста на стоката што САД ја купуваат од Канада и онаа што ѝ ја продаваат. Претседателот исто така изјави дека Канада треба да направи повеќе за да го намали протокот на нелегалната дрога фентанил во САД.

Канада моментално се соочува со царини од 35% на својата стока, иако поголемиот дел е изземен според постојниот северноамерикански договор за слободна трговија, како и со индивидуални давачки насочени кон одредени индустрии, како производството на автомобили и челик.


Трговските преговори меѓу двете земји беа прекинати минатиот месец кога Трамп се разгневи поради антицаринска реклама во САД во која се појавуваше Роналд Реган, а која беше спонзорирана од провинцијата Онтарио.

Во меѓувреме, тој ги разлути Канаѓаните и со своите бројни јавни коментари дека нивната земја ќе ја направи „51-ва држава на САД“.

Некои популарни туристички дестинации во САД се обидоа да му се спротивстават на овој тренд, обидувајќи се повторно да ги привлечат канадските патници.

Сепак, со оглед на тоа што Канаѓаните сѐ повеќе одлучуваат да патуваат поблиску до дома, туристичката индустрија во земјата доби силен поттик. Канадскиот туристички сектор од мај до август 2025 година остварил рекордни 59 милијарди канадски долари, што претставува раст од 6% во однос на истиот период минатата година, главно благодарение на луѓето кои се решаваат да патуваат внатре во земјата, според податоците на „Destination Canada“, национална туристичка организација.