Како Финска станала независна од руски енергенти?

Точка

13/11/2025

22:02

700

Големина на фонт

а а а

Финска успеала да го намали својот увоз на енергенти од Русија на речиси нула.

Нуклеарните централи и обновливите извори на енергија ѝ помогнале да го постигне ова. Сепак, во еден поглед, Финска сè уште зависи од својот сосед, пишува Дојче Веле.

Црвените згради на трите нуклеарни реактори во Олкилуото совршено се вклопуваат во црвено-жолтиот есенски пејзаж на западниот брег на Финска. Како отсекогаш да стоеле таму. Најмладиот реактор, „Олкилуото 3“, бил пуштен во употреба во 2023 година. Со ова, Финска можеше да си дозволи да го намали увозот на руски енергенти на речиси нула. До почетокот на 2022 година, увозот од Русија сочинувал околу половина од финскиот увозот на енергија. Промената станала неизбежна за земјата по почетокот на рускиот напад врз Украина. Сепак, што се однесува до енергетската политика, Финска сè уште целосно не се одвоила од Русија.


„До февруари 2022 година, се надевавме дека времето кога земјите ги прошируваат своите територии и напаѓаат други земји е завршено и дека можеме да живееме во мир и да тргуваме едни со други“, изјави за ДВ Сари Мултала, финска министерка за клима и животна средина. „Но, тогаш видовме дека тоа не е случај и дека, за жал, мора да го обезбедиме сопствениот суверенитет – дури и кога станува збор за енергијата. Не можеме да зависиме од партнер кој е непријателски настроен кон нас“, додаде таа.

Така, во 2023 година, Финска се приклучи на одбранбениот сојуз на НАТО – откако долго време ја одржувала својата неутралност. Русија го прекина снабдувањето со електрична енергија – веројатно и затоа што Хелсинки не сакал да плаќа во рубљи, а тогашната финска влада одлучи да се ослободи од руската енергија „што е можно побрзо“. Во тоа време, Финска увезувала првенствено електрична енергија, нафта и гас од Русија, со која дели граница долга повеќе од 1.300 километри.

Нуклеарната централа била три пати поскапа од планираното

Нафтата, која во 2019 година сочинувала 19 отсто од потрошувачката на енергија во Финска, оттогаш доаѓа, меѓу другите, од Норвешка, Велика Британија и САД. Во случајот со природниот гас, кој сочинувал само околу пет отсто од потрошувачката, преминот бил направен кон течен природен гас (LNG). Државната компанија „Gasgrid Finland“ лансирала пловечки LNG терминал пристаништето Инга. А сега и „Олкилуото 3“ придонесува за производство на електрична енергија.


Минатата година нуклеарната енергија покривала 39 отсто од потрошувачката на електрична енергија, за разлика од околу 28 отсто пред три години. Со моќност од 1600 мегавати, „Олкилуото 3“ е еден од најголемите нуклеарни реактори во светот. Но, неговата изградба чинела 11 милијарди евра – речиси три пати повеќе од планираното. Потребни биле 18 години за да се заврши – наместо првично планираните четири години. Поради експлозијата на трошоците, операторот ТВО се откажал од плановите за четврти реактор на таа локација. Но, за Јуха Поикола, менаџерот за односи со јавноста на компанијата, трудот се исплатил. „Благодарение на ова, цените на електричната енергија паднаа. Покрај тоа, создадовме 5.000 директни и индиректни работни места“, објаснил тој за ДВ додека водел група новинари низ новиот реактор.


Во еден поглед, Финска сè уште е зависна од Русија: финската енергетска компанија „Фортум“ увезува ураниум за своите два реактори од Русија и сè уште не успеала да најде соодветна замена.

Решен проблемот со одлагање на нуклеарен отпад?

Операторот на електраната ТВО не ја исклучува можноста еден ден да се изградат дополнителни нуклеарни реактори во Финска. Ова е поткрепено и со изградбата на ново складиште за нуклеарен отпад, како што рече Паси Туохима, раководител на комуникациите во компанијата „Посива“, која го води таканаречениот проект „Онкало“.

Онкало, што на фински значи „пештера“ е новото складиште за нуклеарен отпад веднаш до реакторот Олкилуото. Треба да се отвори во наредните месеци. На длабочина од околу 450 метри, нуклеарниот отпад од сите пет фински реактори ќе се складира и тоа за засекогаш. Посива досега инвестирала помеѓу 500 милиони и 1 милијарда евра за копање тунели со вкупна должина од околу 60 километри. Таму, отпадот ќе биде складиран во капсули со тежина од околу еден тон и ќе биде спуштен во комори во карпата. Тоа е модел што може да се примени на многу места, тврди Туохима. „Копањето тунел не е тешко. Во Финска имаме многу слични локации со карпеста почва. Значи, имаме решение за безбедно складирање на нуклеарен отпад“, додал тој.


Се чини дека владата сака дополнително да инвестира во нуклеарна енергија. „Во процес сме на преиспитување на нашето законодавство за да ги забрзаме процедурите за издавање дозвола за нуклеарните централи и да проучиме како подобро да ги распределиме финансиските ризици и дали нуклеарната енергија треба да добива државни субвенции“,изјави министерката Сари Мултала.

Инаку, според анкетата на британската агенција Вериан спроведена во мај 2025 година, 68 отсто од финските жители имаат позитивно мислење за нуклеарната енергија.


И ветерот овозможува енергетска независност

Но, нуклеарната енергија е само дел од приказната односно и обновливите извори на енергија помогнале да се намали увозот на руски енергенти. Во 2024 година, копнените ветроелектрани учествувале со 24 отсто во производството на електрична енергија – во споредба со 14 отсто во 2022 година. За Велиј-Пека Тинкинен, професор по руски еколошки студии на Универзитетот во Хелсинки, клучот е во вистинската комбинација. „Покрај нуклеарната енергија, имаме хидроенергија, биомаса и енергија од ветер. Сето ова ја сочинува нашата отпорност“, нагласи тој за ДВ. Во исто време, како што рече Тинкинен, обновливите извори на енергија ја претставуваат иднината.

Тој додаде: „Поради строгите безбедносни прописи, денес многу е скапо да се градат нови нуклеарни централи. И треба целосно да се ослободиме од фосилните горива. Тие само нè водат кон нови зависности од автократските држави – без разлика дали станува збор за Русија, Саудиска Арабија или САД“.


И Тијс ван де Граф, приватен доцент по меѓународна политика на Белгискиот универзитет во Гент и експерт за енергетска политика, се залага за комбинација од различни извори на енергија. „Вистинскиот рецепт за енергетска безбедност е комбинација од енергетска ефикасност, електрификација и обновливи извори на енергија“, истакнал тој во интервју за ДВ.

Ани Миконен, извршна директорка на индустриското здружение „Renewables Finland“, како позитивно нешто го истакнала фактот дека за изградба на ветроелектрана потребни се само неколку години. „Можеме да го удвоиме капацитетот на копнениот сектор за ветерна енергија во рок од десет години“, нагласи таа за ДВ. Дополнителна енергија потоа би можела да се извезува во други европски земји. На овој начин, и тие би можеле да станат независни од руските енергенти, додаде Миконен.