Новото истражување откри кој европски град нуди најдобра домашна кујна: Не е во Италија, Франција или Шпанија туку многу поблиску до нас

Точка

11/11/2025

20:48

830

Големина на фонт

а а а

Кога ќе се спомене автентична европска кујна, повеќето луѓе помислуваат на Италија, Франција или Шпанија, земји каде што вкусот, традицијата и страста кон храната се дел од секојдневниот живот. Сепак, новото истражување на туристичката компанија „Сага“ донесе изненадувачки пресврт.

Најавтентичниот гастрономски град во Европа не е во Италија, Франција или Шпанија, туку во срцето на Унгарија.

Унгарската престолнина станува нова европска, гастрономска ѕвезда

Анализата опфатила повеќе од пет илјади ресторани во дури 125 европски градови, а клучна улога одиграле Гугл рецензиите. Во рамки на анализата се истражувало колку често зборовите „автентичен“ и „традиционален“ се појавувале во рецензиите, земајќи ги предвид вкупните оценки на гостите. Резултатите покажале дека унгарската престолнина ги надминала сите познати гастрономски дестинации и ја освои титулата – град што служи најавтентична локална кујна во Европа, пишува „Time Out“.


Иако Будимпешта одамна е позната по своите термални бањи и живописните барови „во урнатини“ (ruin bars) во последниве години привлекува сè поголемо внимание и на кулинарската сцена. Имено, градот може да се пофали со сè поголем број ресторани со Мишелин ѕвезди и бројни пазари каде што можете да пробате локална кујна.


Гастрономијата на Будимпешта сега е синоним за фини вкусови и ароми, а во унгарската престолнина можете да уживате во јадења како што се традиционалниот гулаш и лангош, како и познатите палачинки Гундел полнети со рум, ореви и сочно суво грозје.


Според препораката на експертот на магазинот „Time Out“, Питер Кресвел, вреди да се посети ресторанот „Borkonyha“ кој се гордее со Мишелин ѕвезда и е познат по својот модерен пристап кон традиционалните унгарски јадења. Подеднакво ценет е и „Rosenstein“ култно место кое со генерации го негува духот на семејното готвење и топлата, домашна атмосфера што ги освојува гостите од првиот залак.

Грчко пристаниште е на второто место, а во топ 10 се најдоа и неколку изненадувања

На второто место, веднаш по Будимпешта, е Пиреја, крајбрежен грчки град кој често останува во сенка на познати градови како Атина. Како најголемо пристаниште во земјата, овој живописен град е рај за љубителите на морска храна. Менијата низ градот вклучуваат свежи школки, печен октопод и ароматични рибни супи, а оброкот е незамислив без традиционалните „loukoumades“, златни топчиња од тесто прелиени со мед кои, според легендата, им биле послужени на победниците на првите Олимписки игри во античко време.


На листата на десетте најавтентични гастрономски градови во Европа, свое место најдоа и Виена, Краков, Прага, Валета, Варшава и Минхен, а на изненадување на многумина, десеттото место му припадна на Милано, што на Италија ѝ го донесе единствениот пласман на оваа листа.

Според истражувањето на компанијата „Сага“, листата на топ 10 најавтентични европски градови за храна изгледа вака:

1. Будимпешта, Унгарија

2. Пиреј, Грција

3. Атина, Грција

4. Виена, Австрија

5. Краков, Полска

6. Прага, Чешка

7. Валета, Малта

8. Варшава, Полска

9. Минхен, Германија

10. Милано, Италија.