Со приближувањето на зимската сезона, австриските скијачки центри и хотелски комплекси се соочуваат со сериозен проблем, недостаток на работници.
Во најпрометниот дел од годината, кога туризмот во алпските региони е на врвот, многу угостители и хотелиери не можат да најдат доволно работници за работа во текот на сезоната. И покрај зголемената побарувачка, особено за сезонски работници, ситуацијата се влошува секоја година. Работодавците предупредуваат дека борбата за секој квалификуван вработен станува сè потешка. Како што пишува „Heute“, многу хотели и ресторани се принудени да бараат персонал надвор од границите на Австрија.

„Веќе пред пандемијата беше тешко да се најде квалификуван персонал од Австрија, но сега е уште потешко“, изјавил сопственик на хотел од Тирол, кој, како и многу негови колеги, се свртува кон вработување работници од странство преку Австриската служба за вработување (AMS). На пример, еден тиролски хотел објавил оглас за сезонско вработување на келнер или келнерка од 18 декември 2025 година до 6 април 2026 година. Од кандидатите се бара добро познавање на германски јазик, да бидат независни во својата работа, да бидат пријателски расположени и да имаат искуство во послужување храна и пијалаци.
За оваа работна позиција се нуди минимална бруто-плата од 2.200 евра месечно, со можност за поголем износ и обезбедено бесплатно сместување и храна. Иако неколку заинтересирани веќе се јавиле на огласот, досега, според сопственикот, не пристигнале сериозни апликации: „За жал, досега пристигнаа само несигурни и несериозни апликации од Мароко“, рекол тој.

Австрискиот туристички сектор веќе со години предупредува за хроничен недостиг на работници, особено во планинските и скијачките региони. Сезонските работни места, кои често бараат долги работни часови и физички напор, стануваат сè помалку привлечни за домашните работници.
Истовремено, строгите прописи и административните пречки го отежнуваат вработувањето странци, што дополнително ја влошува ситуацијата. Затоа, работодавците предупредуваат дека, без систематска поддршка од државата и пофлексибилни политики за труд, австрискиот зимски туризам наскоро би можел да има сериозни тешкотии во одржувањето на квалитетот на услугата на која гостите се навикнале.











