Лебдењето низ санти мраз (Ice floating) стана голем хит во северна Европа, особено откако фотографиите од оваа екстремна активност се проширија на социјалните мрежи.
Оваа активност некои ја нарекуваат лудост, а други одлична забава. Станува збор за туристичка атракција што се нуди во постудените региони како што се Финска и Русија, што вклучува лебдење меѓу санти мраз, уживање во тишината и прекрасните пејзажи.

Обично се нуди во периодот помеѓу ноември и април, а организаторите на тури забележуваат најголем интерес помеѓу декември и март, кога, покрај лебдењето во ледена вода, можно е и уживање во природниот спектакл на набљудување на поларната светлина.


Оние кои ја пробале оваа активност тврдат дека лебдењето низ мраз е многу слично на медитацијата – го опушта телото и умот, но исто така ги поврзува луѓето со природата во екстремни услови.

Луѓето носат специјални водоотпорни одела кои им овозможуваат да останат суви и заштитени во екстремно ладната вода, која обично се движи околу нулата. Температурата на воздухот, сепак, е далеку под нулата.

Треба да се напомене дека лебдењето меѓу санти мраз е безбедна активност само доколку ги следите мерките на претпазливост, поминете кратка обука и секогаш сте придружени од искусен инструктор и сертифицирани спасувачи на брегот.


Цената? Вистинска ситница! За еден до еден и полчас лебдење, треба да издвоите помеѓу 80 и 195 евра – во зависност од местото каде резервирате. Популарни дестинации за лебдење меѓу мраз се Хелсинки, Леви и Рованиеми во Финска, Владивосток во Русија, па дури и Вал д’Изер во Франција.








