Обединетото Кралство и Европа се соочуваат со можеби најтешката сезона на грип во последните десет години, а експертите предупредуваат дека мутиран сој на вирусот може да предизвика бран зарази, хоспитализации и смртни случаи – и тоа уште пред Божиќ.
Бројот на заболени е веќе тројно поголем од минатата година, а здравствените служби во паника ги повикуваат граѓаните итно да се вакцинираат против грип.
Здравствените власти на Обединетото Кралство издадоа итно предупредување за вакцинација, откако новиот сој предизвика порано и посилно ширење на инфекциите отколку претходните години.
Според податоците на "NHS England", бројот на случаи е тројно зголемен во споредба со истиот период минатата година, и тоа неколку недели пред очекуваниот врв на сезоната.
Најновиот извештај на Британската агенција за здравствена безбедност (UKHSA) покажува дека процентот на позитивни случаи на грип пораснал на 10,9%, во споредба со 8,2% претходната недела и 6,1% пред две недели, пренесува "Express".

Мутираниот сој во „офанзива“
Најголем број заболени се регистрирани меѓу децата од 5 до 14 години, па родителите се повикуваат итно да ги вакцинираат своите деца, особено пред празничниот период.
Професорот Кристоф Фрејзер од Институтот за пандемиски науки на Универзитетот во Оксфорд изјави за "BBC" дека е „многу веројатно ова да биде тешка сезона на грип.“
„Веќе сме длабоко во сезоната, а постојат индикации дека може да биде полоша од последните десет години“, предупреди тој.
Стручњаците го поврзуваат наглиот пораст на заразите со мутација на вирусот на грип, што може да значи дека вакцината нуди помала заштита отколку претходните години.
Професорот Ед Хачинсон, молекуларен виролог од Универзитетот во Глазгов, објасни дека вирусите на грип постојано еволуираат:
„Секоја година се малку поинакви, па со текот на времето вакцините обезбедуваат сѐ помала заштита. Дури ни ланската вакцина нема да биде совршена за оваа сезона“, изјави тој за "Manchester Evening News".

Илјадници би можеле да завршат во болница
Според Хачинсон, во циркулација се три главни вируси на грип – "H1N1", "H3N2" и вирусот на грип тип B, а загрижувачки е што "H3N2" се изменил повеќе отколку што се очекувало, поради што вакцината оваа година може да биде помалку ефикасна.
Тој предупредува дека илјадници луѓе би можеле да бидат хоспитализирани доколку вирусот продолжи да се шири со ова темпо:
„Иако кај повеќето луѓе грипот поминува лесно, вирусот може да предизвика сериозни компликации кај ризичните групи, па дури и кај здрави деца и возрасни“, објасни професорот, додавајќи дека болниците би можеле да се најдат под огромен притисок, со пораст на бројот на смртни случаи и тешки заболувања.
Ризичните групи, според докторката Луиза Џејмс, предавач по имунологија на Универзитетот "Queen Mary" во Лондон, вклучуваат деца, повозрасни лица, како и лица со хронични болести или ослабен имунолошки систем.

Вакцината сепак спасува животи
Иако постои загриженост дека вакцината оваа година можеби нема да обезбеди целосна заштита, професорот Хачинсон нагласува дека вакцинирањето и понатаму е силно препорачливо.
„Вакцината најверојатно ги ублажува симптомите и го намалува преносот на болеста, дури и кога не спречува целосна инфекција“, објасни тој.
Тој додаде дека вакцината и понатаму штити од другите два соја на грип, и им препорача на граѓаните дополнителни мерки на претпазливост:
често миење на раце, носење маски и избегнување близок контакт со други лица ако имаат симптоми.
Експертите предупредуваат дека доколку трендот продолжи, оваа зима би можела да биде најтешката во последната деценија – не само за здравствениот систем, туку и за цела Европа.














