Поранешната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, побара од новиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, да ги објави сите фирми со долг, како и имињата и презимињата на сите 500 вработени кои биле отпуштени од работа. Таа го повика Ѓорѓиевски на дебата.
„Кога се лаже се држат рачињата во формација извежбана од медот. Ајде градоначалник да ги објавиш сите фирми со долг по институција, со фактури и датуми од кога им се должи за да знае народ дека лажеш. Исто и со име и презиме да ги објавиш сите 500 вработени и кој од кога не одел на работа, и таму да се види дека лажеш. 3 години за корка леб сите кои одеа на работа ти ги избрка да направиш место за своите партиски војници. Нека не ти пишува Луке соопштенија за да се пресметуваш, ниту твоите полусветови ботовски да ме навредуваат, бидејќи знае народ дека лажеш. Ако сакаш како МАЖ да соочиш аргументи, ајде на дебата на ваш медиум по избор, па ќе си раскажеш таму и за долг и за вработени во Скопје и во Кисела Вода, каде што има кој да ти врати со факти наспроти твоето лажење“, објави Арсовска.
🖖 Кога се лаже се држат рачињата во формација извежбана од медот 😂
📋 Ајде градоначалник да ги објавиш сите фирми со...
Posted by Danela Arsovska on Tuesday, November 11, 2025
На „Фејсбук“ статусот на Арсовска, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
„Колку поблиску до правдата, толку повеќе Данела Арсовска ќе е бучна и нервозна. И посакуваме да се надмине себе си и да ги победи своите стравови и болки. Борбата со таквите демони не е лесна, и и посакуваме среќа. Исто како и со соочувањето со правдата за хаосот што го остави зад себе, кој е неодминлив процес. Видовме дека подобро и поинакво Скопје може да функционира. Сите надлежни институции мора да се посветат на цунамито кое го остави Данела Арсовска“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ѓорѓиевски вчера објави дека се отпуштени 500 вработени од претпријатијата на Скопје затоа што се месеци, дури и години, не оделе на работа.
„500 лица до денес, се отстранети од работа од претпријатијата во градот Скопје. Тоа се лица кои се платени од парите на скопјани, но не оделе на работа со месеци, дури и години“, објави Ѓорѓиевски.
Тој најави дека секој кој чесно си ја работи работата, ќе биде награден, а оној што не работи ќе биде казнет.
„Тука, нема да има толеранција, а ќе има и одговорност! Секој оној што чесно си ја работи својата работа ќе биде награден, а оној што не работи – ќе биде санкциониран. Ред во Скопје, мора да има! Она што е платено со парите на граѓаните јас мора да го заштитам“, напиша Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.











