Сопругата на Андреј ДНК објави емотивно видео од него со ќеркичката и повика на поддршка на 30-от Марш на ангелите: „Мавни ѝ на мама“

Точка

11/11/2025

12:39

2.166

Големина на фонт

а а а

Наталија Ѓорѓиеска, сопругата на трагично починатиот Андреј од ДНК, ретко се огласува на социјалните мрежи по страшната несреќа што се случи на 16 март во Кочани, кога во дискотеката „Пулс“ загинаа 63 лица.

По подолг период на тишина, таа сега на Инстаграм стори сподели неколку објави меѓу кои и едно видео кое ќе го растажи и трогне секој што ќе го погледне.

На видеото се гледа Андреј како со нивната ќеркичка Јана се вози на жичница во зима. „Мавни ѝ на мама“, ѝ вели тој низ смеа, додека Јана весело мавта кон камерата и додава: „Многу е страшно“. Андреј ѝ возвраќа со насмевка: „Чекај, не е страшно…“ — и видеото се прекинува токму во тој момент.


Снимката, иако кратка, пренесува топлина, љубов и безгрижност, но и носи длабока тага — потсетувајќи на семејството што трагедијата го раздели засекогаш.

Покрај ова трогателно видео, Наталија објави и повик за поддршка на 30-тиот „Марш на ангелите“, кој ќе се одржи на 15 ноември во Скопје.

На Инстаграм стори, таа сподели и монтиран клип со исечоци од кобната вечер во „Пулс“, во позадина придружен со аудио од медиумските извештаи — снимка што повторно ја оживува болката и ужасот на тој момент.

Во текстот на апелот што го објави стои:

На 19 ноември 2025 година започнува судскиот процес за трагедијата што засекогаш ги промени нашите животи. Ние, родителите и семејствата на загинатите млади животи, ќе бидеме таму - мирно, достоинствено и со вера во вистината, за да го следиме судењето и потсетиме дека секоја пресуда мора да се темели на вистината, а не на заборавот.

Во пресрет на почетокот на процесот, ве повикуваме сите граѓани на Mакедонија, сите што веруваат во човечноста и правдата, да ни се придружите на:

15 ноември 2025 год. (сабота), 12:05 часoт
Од плоштад Македонија - Скопје, продолжуваме кон Собранието, до Основниот кривичен суд – Скопје.


Да чекориме со љубов, со болка и со достоинство

Во име на оние што повеќе не можат да чекорат

Овој марш не е протест, туку мирен апел за правично судење!!!

За да потсетиме дека зад секој број стои име, живот, семејство и болка.

Нашата порака е едноставна, но длабока:

За нашите деца.

За вистинска правда.

За Македонија со совест.

Да покажеме дека ова општество не молчи пред неправдата и дека постои народ што не се откажува од вистината!!!“.

„Во овој момент, вашата поддршка ни е сè!“, напиша таа во описот на објавата.