Трамп му постави ултиматум на Би-Би-Си: Исправете го извештајот или ќе се соочите со тужба од милијарда долари

Макфакс

10/11/2025

18:33

219

Големина на фонт

а а а

Претседателот на САД, Доналд Трамп, му се закани на Би-Би-Си со тужба од милијарда долари и ѝ даде рок на британската јавна радиодифузија до петок да ги исполни неговите барања. Како што наведоа адвокатите на Трамп во писмо до кое дојде американската NBC News, причината за тужбата е наводното злонамерно уредување на негов говор во документарец на Би-Би-Си.

Трамп му даде рок на Би-Би-Си до петок, 14 ноември во 17 часот по источно време (22 часот по британско време) да го исполни барањето. Во спротивно, се наведува, ќе следи правна битка, објавува Sky News.

„Претседателот Трамп нема да има друг избор освен да ги оствари своите законски права, од кои сите се изрично резервирани и не се откажуваат, вклучително и поднесување барање за отштета во износ од најмалку 1.000.000.000 долари (една милијарда долари). Би-Би-Си е известена“, се вели во меморандум од правниот тим на Трамп.

Адвокатите на Трамп бараат редакција на спорниот материјал. Портпаролот на неговиот правен тим беше јасен во изјава за NBC: „Би-Би-Си го клевети претседателот Трамп со намерно и измамничко уредување на својот документарец за да се обиде да влијае на претседателските избори. Претседателот Трамп ќе продолжи да ги смета за одговорни оние кои се вклучуваат во лаги, измами и лажни вести.“

Од друга страна, имаше краток и одмерен одговор од Би-Би-Си: „Ќе го разгледаме писмото и ќе одговориме директно навреме“, изјави портпарол за NBC News