Повеќе од 46 отсто од младите во Македонија не веруваат дека земјата ќе стане членка на Европската унија, покажува новиот извештај „Спавување со евроскептицизмот кај младите на Западен Балкан: Случајот на Северна Македонија“, подготвен од Институтот за добро владеење и евроатлантски перспективи (Institute for Good Governance and Euro-Atlantic Perspectives) во соработка со Фондацијата „Фридрих Науман за слобода“ (Friedrich Naumann Foundation for Freedom) и Европскиот центар за извонредност (European Centre of Excellence – Брисел).
Според истражувањето спроведено во јуни 2025 година врз повеќе од 1 000 млади лица, 41 отсто имаат позитивен став кон ЕУ, 35 се неутрални, а 24 проценти негативни. Само 6,7 отсто веруваат дека членството може да се оствари во следните пет години, додека 35,8 проценти очекуваат тоа да се случи во подалечна иднина. Главни пречки за интеграцијата, според испитаниците, се корупцијата (84,6 %), билатералните спорови (61 %) и ниската доверба во институциите (60 %).
Извештајот покажува дека 33 % од младите сметаат дека земјата назадувала во процесот на пристапување, додека само 17 % забележуваат напредок. Повеќе од 60 % не веруваат дека членството во ЕУ би го намалило иселувањето, а 68 % изјавиле дека би се иселиле доколку имаат можност. Над 70 % се опишуваат како социјално неактивни, а само 8 % учествуваат во граѓански или политички иницијативи.
Во економскиот дел, се нагласува дека од вкупните 302 милиони евра од ИПА-фондовите, до крајот на 2023 година се искористени само околу 122 милиони. Покрај тоа, се спомнуваат истраги на ОЛАФ поврзани со неправилности во програмата „Еразмус плус“, при кои е побарано враќање на 2,2 милиони евра. Невработеноста меѓу младите (15 – 29 години) е околу 30 проценти, а 22 – 25 отсто се во категоријата НЕЕТ (не работат и не се во образование).
Извештајот истакнува дека главните причини за евроскептицизмот се бавните реформи, корупцијата, недоволната вклученост на младите во креирањето на политики и ограничената комуникација на институциите со јавноста. Како дел од препораките, авторите повикуваат на: подобра искористеност на европските фондови, поддршка за младинско претприемништво, развој на програми за медиумска и дигитална писменост и вклучување на младите во донесувањето одлуки на национално и локално ниво.
Според IDUEP, евроскептицизмот меѓу младите во Македонија не значи отфрлање на европските вредности, туку одраз на фрустрација поради недостиг на перспектива, бавни реформи и недоверба во институциите. Извештајот заклучува дека само со економска, образовна и институционална вклученост може да се намали евроскептицизмот и да се врати довербата во европската иднина на земјата.











