Радовишанка обвинета за лажно пријавување бомба во основно училиште

Макфакс

07/11/2025

16:17

186

Големина на фонт

а а а

Четириесетгодишна радовишанка В.Ј. лажно пријавила дека има бомба во основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ – Радовиш.

„Осомничената 40-годишна радовишанка, на 29 октомври од Скопје пријавила дека е поставена бомба во ОУ „Крсте Петков Мисирков“ – Радовиш. Од нејзината електронска пошта, преку мобилниот телефон, испратила порака со заканувачка содржина на службената електронска адреса на училиштето, иако знаела дека не е поставена експлозивна направа во училиштето“, соопшти Јавното обвинителство.

Од МВР соопштија дека се преземени соодветни мерки и активности во насока на утврдување на потеклото на IP адресите и утврден е сторителот на кривичното дело. Исто така, извршена е и антитерористичка проверка во училиштето, при што е утврдено дека не се пронајдени експлозивни средства и направи.

Со поднесеното обвинение, јавниот обвинител до Судот достави и предлог за определување повеќе мерки на претпазливост – забрана за напуштање на престојувалиштето, привремено одземање на патна исправа и забрана за преземање на определени активности кои се поврзани со кривичното дело, односно – забрана за испраќање на пораки со заканувачка содржина.