Ѓорѓиевски: Ова што вчера го почнавме не е маркетинг, туку да покажеме дека кога се сака – сѐ се може

Макфакс

07/11/2025

12:19

714

Големина на фонт

а а а

Ова што вчера го почнавме не е маркетинг, туку да покажеме дека кога се сака – сè се може, вели градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во врска со најавената голема акција за чистење на Скопје, чиј почеток беше означен синоќа кај салата „Борис Трајковски“, а на која беа присутни градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ на скопските општини, како и премиерот, Христијан Мицкоски.

Ѓорѓиевски, другите градоначалници и премиерот синоќа на „Фејсбук“ објавија фотографии од камиони и друга механизација што ќе го чисти Скопје, а беа објавени и фотографии од работници со лопати, багери во „Вардариште“ и слично.


„Завршува времето кога Скопје беше град на депонијата. Уште вчера, од првиот ден од преземањето на функцијата градоначалник, ја почнавме генералката за чистење на градот. И тоа нема да биде само 72-часовна акција – тоа ќе продолжи во континуитет секој ден. И ова што вчера го почнавме не е маркетинг, туку да покажеме дека кога се сака – сè се може. Тоа, всушност, е наша обврска, за тоа граѓаните нè плаќаат. Чистиот воздух, почитувани, многу зелени површини и решенија за отпадот се темелите на еден здрав град. Скопје мора да стане лидер во еколошките политики, со конкретни и видливи резултати“, објави скопскиот градоначалник.


Инаку, денеска се одржа првата конститутивна седница на Советот на Град Скопје со новиот состав и со Ѓорѓиевски на чело. Тој рече седницата е чин, каде што се испраќа силна порака дека демократијата живее преку одговорноста, соработката и визијата за подобро Скопје.


„Во наредниот период ќе се фокусираме на неколку клучни приоритети: да обезбедиме ефикасен јавен превоз, но и да го модернизираме, кој ќе ги поврзува сите делови на градот. Ќе вложуваме во нови автобуси, подобрување на сообраќајната сигнализација и безбедноста на улиците. Нема да дозволам урбанизацијата да биде хаотична, туку планирана и во интерес на граѓаните. Тоа го покажав во Кисела Вода, а така ќе биде и во градот Скопје. Ќе се залагаме за рамнотежа меѓу развојот и заштитата на јавниот простор“, објави Ѓорѓиевски.


Тој најави дека Градот ќе обезбеди поддршка за младински проекти, иновации, културни иницијативи и спорт и дека ќе обезбеди јавен пристап до сите информации, отворени податоци и отчетна администрација.


„Транспарентноста е исто така еден од врвните приоритети на кои се фокусираме. Скопје од вчера е отворен град за сите. Граѓаните мора да знаат како се користи секој денар од градскиот буџет. Ќе обезбедиме јавен пристап до сите информации, отворени податоци и отчетна администрација“, рече Ѓорѓиевски.