Поранешниот крал на Шпанија, Хуан Карлос I, кој денес живее во Дубаи, првпат детално ја раскажа трагедијата што засекогаш му го обележала животот – како како тинејџер несреќно го застрелал и убил својот помлад брат Алфонсо пред речиси 70 години, пренесува „Daily Mail“.
Своите мемоари од 500 страни ги објави во Франција под наслов „Juan Carlos I d’Espagne: Réconciliation“ или „Хуан Карлос од Шпанија: Помирување“.
Трагичниот инцидент со пиштолот
Во моментот на несреќата, Хуан Карлос имал 18 години, а неговиот брат Алфонсо 14.
Додека се „играле“ со пиштол во семејниот дом во Португалија во 1956 година, мислејќи дека шаржерот е изваден, куршумот неочекувано испукал, се одбил од ѕидот и го погодил Алфонсо во челото.
Алфонсо починал во рацете на својот татко.
„Никогаш нема да заздравам од оваа трагедија. Нејзината тежина ќе ме следи засекогаш“, напишал Хуан Карлос.

Реакцијата на семејството и последиците
Неговиот татко, грофот од Барселона, го покрил телото на Алфонсо со шпанското знаме и го фрлил пиштолот во морето.
Хуан Карлос бил вратен во строга воена академија, а односот со татко му бил неповратно нарушен.
Мемоарите и соочувањето со минатото
Мемоарите се поделени во седум дела, а ќе бидат објавени и во Шпанија во декември.
Во книгата, Хуан Карлос се обидува да го поправи односот со својот син, кралот Фелипе VI, и да се соочи со болните спомени од младоста.
„Постои живот пред и по тоа. Сè уште ми е тешко да зборувам за тој ден, и мислам на него секој ден. Ми недостига. Би сакал да можев повторно да разговарам со него“, вели поранешниот крал.
Драматично детство и судбината на кралот
Хуан Карлос I е роден во 1938 година во Рим, во егзил за време на Шпанската граѓанска војна.
Од детството, диктаторот Франко го подготвувал како свој наследник на престолот.
„Франко ме изненади кога ме именува за свој наследник. Тоа беше момент во кој се најдов меѓу чекан и наковална“, напишал Хуан Карлос.
Скандали и абдикација
Иако владеел од 1975 до 2014 година и уживал голема популарност, неговата репутација со текот на времето ја засенија бројни приватни скандали — вонбрачни афери, финансиски контроверзии, па дури и скандалозниот лов во Боцвана во 2012 година со љубовницата Корина, кој предизвика огромен револт во јавноста во време на економска криза.
Егзил и последици
Шест години по абдикацијата, во 2020 година, Хуан Карлос реши да ја напушти Шпанија, за неговите лични скандали да не ја нарушат владејачката позиција на неговиот син.
Истата година, кралот Фелипе VI му ја укина годишната апанажа од 200.000 евра, а Врховниот суд на Шпанија отвори истрага за неговата можната вмешаност во проектот за брзата железница во Саудиска Арабија.
Завршетокот на мемоарите
Хуан Карлос ги завршува мемоарите со зборовите:
„Знам дека можеби сум разочарал некого, и тоа го признавам на овие страници. Не сум светец. Моќта никогаш не ја уништи мојата личност, која никогаш не ја криев. Не знам дали моето заминување од Шпанија е жртва што вреди, но знам дека тоа ме промени длабоко – како човек.“















