[ВИДЕО] На овој цртан филм сите плачевме: Беше еден од најгледаните во поранешна Југославија, а зад неговата тажна приказна се крие ужасна вистина

Точка

07/11/2025

11:38

1.341

Големина на фонт

а а а

„Некаде во земјата на соништата“ – најтажниот цртан филм. Колку пати сте го гледале? Колку пати сте се расплакале? Емотивна приказна која нè учи на сочувство и вистински вредности — со оптимистички крај, бидејќи неколку добри луѓе решиле барем малку да го олеснат животот на сиромашните деца.

Приказната на ова култно анимирано остварување е сместена во времето на Големата депресија и ја отсликува реалноста на милиони деца кои растеле во тоа мрачно време — сурово дури и за возрасните.

Две деца, облечени во стара и искината облека, талкаат по студените улици и собираат дрва за огрев. Во минување застануваат покрај излог и со копнеж гледаат во играчките и слатките што не можат да си ги дозволат... Најтажниот цртан филм го паметат многу генерации ширум светот. Тој беше еден од најгледаните и во поранешна Југославија, каде што стана дел од колективното детско сеќавање — од времето кога од прекрасните анимирани дела и детски емисии учевме за животот и добрината.

Се сеќавате — брат и сестра живеат со мајката во трошна куќа. Толку се сиромашни, што ја делат и последната трошка леб. Кога се враќаат од градот каде што собираат дрва, мајката ги дочекува со оскудна вечера — леб, толку тврд и стар што не можат да го прегризат. За да го омекне, девојчето го потопува своето парче во чаша вода и вели: „Ќе го натопам“. Легендарната реченица поради која очите секогаш нѝ се полнеа со солзи...


Но, кога ќе заспијат, патот им се отвора кон земјата на соништата, каде што уживаат во сè она што во реалноста го немаат. Во тој волшебен свет има изобилство од храна, топлина, играчки... Наутро, кога ќе се разбудат во својот топол дом, ги дочекува богата трпеза. Пекарот, сопственикот на продавницата и кројачот решиле да им го олеснат животот и да ги изненадат — со храна, нова облека, играчки...

На крајот, момчето се боцнува со виљушка за да се увери дека земјата на соништата станала реалност. Барем накратко. Децата се смеат и продолжуваат да јадат. Тажна приказна со среќен крај. Но во реалноста, која цртаниот филм ја отсликува, не било секогаш така.

Автор на ова ремек-дело е Макс Флајшер, еден од пионерите во развојот на анимацијата — визионер кој му ги подари на светот култните ликови како Бети Буп, Попај Морнарот и многу други. Филмот премиерно бил прикажан во јануари 1936 година, во самиот врв на Големата депресија — глобалниот економски колапс, најдолгиот и најостриот пад на индустријализираниот западен свет пред Големата рецесија, кој траел од 1929 до почетокот на Втората светска војна.


Десет години ужасна криза — глад, сиромаштија, борба за гол опстанок... Светот беше на работ на бездната. Бројни холивудски филмови создадени во тоа време се занимаваа со социјалните проблеми, а таа тема не ја заобиколија ни анимираните филмови. Освен емотивната деветминутна приказна на Флајшер, Големата депресија ја обработи и Волт Дизни со „Трите прасиња“ (песната „Кој се плаши од волкот лош?“ носеше посебно значење) и серијалот „Silly Simphony“,

Цртаниот филм „Некаде во земјата на соништата“ остана вечна порака за човечност, надеж и топлина во најстудените времиња.