„Тој се занимава со избори, а не со војна“: Зеленски критикуван, обвинет дека се обидува да ја спаси сопствената популарност

Макфакс

06/11/2025

19:28

442

Големина на фонт

а а а

Зимскиот пакет за поддршка предложен од администрацијата на украинскиот претседател Володимир Зеленски наиде на остри критики, пишува „Киев индепендент“.

Владата подготвува серија мерки за ублажување на економскиот притисок врз граѓаните додека земјата влегува во уште една тешка зимска сезона обележана со руски напади. Планот вклучува еднократна исплата од 1.000 гривни (околу 24 евра) за сите граѓани, 3.000 километри бесплатно патување со воз во Украина кога не е сезона и дополнителни 6.500 гривни (околу 154 евра) за најранливите групи, како што се внатрешно раселените лица и семејствата со ниски приходи.

Сепак, критичарите се прашуваат дали таквото трошење државни пари додека војната сè уште трае има смисла.

„Нема финансиска логика да му се даваат 1.000 гривни на секој граѓанин, без оглед на околностите, наместо да им се помага на оние на кои навистина им е потребна помош“, изјави Володимир Ланда, раководител на одделот за процена на инвестициите во Советот за економска безбедност на Украина, за „Киев индепендент“ .


Државниот буџет е под притисок

Според процените, најмалку 450 милиони долари ќе бидат издвоени од државниот буџет за програмата. Владата даде спротивставени информации за бројот на граѓани што би можеле да побараат исплата – премиерот споменува 10 милиони, а другите министри наведуваат 15 милиони.

Во посебно соопштение владата објави и 4,4 милијарди гривни (околу 104 милиони долари) за исплата на помош од 6.500 гривни за најранливите. Сè уште не е познато колку ќе чини бесплатниот воз.

„Сите државни приходи одат за финансирање на војната, а буџетот се одржува благодарение на странските партнери, кои нема да бидат задоволни ако Киев ги троши своите средства на овој начин“, предупреди Ланда. „Ова не е ефикасен начин за трошење пари. Само на оние на кои навистина им е потребна помош треба да им се помогне“.


Пакетот доаѓа во време кога Украинците очекуваат тешка зима со можни прекини во снабдувањето со електрична енергија и нови руски напади врз енергетската инфраструктура. Стапката на сиромаштија во земјата се искачи на 37 проценти. Во исто време, незадоволството на јавноста расте поради слабите подготовки за одбрана на енергетскиот систем.

„Ова е катастрофален популизам“, изјави за „Киев индепендент“ пратеникот на партијата Холос, Јарослав Железњак, оценувајќи дека владата се обидува да ја врати популарноста.

„Владата гледа кон изборите, а не кон бојното поле“

Сличен став изрази и Јевген Махда, извршен директор на Институтот за светска политика, кој тврди дека владата е повеќе загрижена за изборите отколку за војната.

„Наместо да се фокусира на бојното поле, каде што се водат тешки борби во близина на Покровско, владата размислува за избори кои сè уште се далеку“, рече Махда.


Премиерката Јулија Свириденко ги отфрли обвинувањата за популизам на брифингот на 3 ноември велејќи дека владата го гледа пакетот како мерка за поддршка на граѓаните во текот на зимата. Таа додаде дека граѓаните може да ги донираат добиените пари на вооружените сили наместо да ги трошат на сметки или други трошоци.

Само 4 проценти од парите завршиле кај армијата

Според владините податоци, само 4 проценти од корисниците ја донирале уплатата на армијата. Мнозинството, 63 проценти, потрошиле пари за комунални услуги, а 17 проценти за сметки за мобилни телефони.

Свириденко исто така најави дополнителна државна субвенција за украинските железници во износ од 16 милијарди гривни (околу 380 милиони долари) в година.

„Владата обезбедува финансиска поддршка на државните железници во овој тежок период, па затоа граѓаните треба да добијат нешто за возврат“, рече Свириденко објаснувајќи ја програмата за бесплатни 3.000 километри патување.