Русија до украинските војници во Покровск и Купјанск: „Опкружени сте, предајте се“

Макфакс

05/11/2025

11:50

234

Големина на фонт

а а а

Русија денес соопшти дека украинските војници во градовите Покровск и Купјанск се опкружени, дека руските сили ги спречуваат да се повлечат и дека треба да се предадат бидејќи во спротивно немаат шанси за преживување.

Русија се обидува да го освои Покровск, кој некои го нарекуваат „порти на Донецк“, како дел од обидот за освојување на целиот регион Донбас, каде што украинските сили сè уште контролираат околу 10 проценти од територијата, или 5.000 квадратни километри.

За разлика од фронталните напади што Русија ги користеше против други градови, руските сили ги нападнаа Покровск и Купјанск од повеќе насоки за речиси целосно да ги опколат украинските војници, додека помалите, многу мобилни единици и беспилотни летала ја нарушија логистиката и предизвикаа хаос зад украинските линии.

Тактиките на Москва во двата града создадоа она што руските воени блогери го нарекуваат сива зона, каде што ниту една страна нема целосна контрола, но ѝ отежнува на Украина да се одбрани. Картите на фронтовската линија покажуваат дека руските сили се на само неколку километри од целосно опкружување на Покровск и дека држат значаен дел од Купјанск каде што напредуваат по главниот пат кон градот.

Руското Министерство за одбрана го отфрли тврдењето на украинскиот претседател Володимир Зеленски, според кое украинските сили се обиделе да отстранат, како што рече, само 60 руски војници во Купјанск.

Министерството соопшти дека украинските единици биле заробени и нивната позиција брзо се влошувала додека руските сили напредувале, „поради што нема да има друга опција за украинските војници да се спасат освен со доброволно предавање“.

Речиси четири години од почетокот на најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна, Русија се обидува да го освои целиот регион Донбас и напредува кон регионите Харков и Дњепропетровск во источна Украина.

Руската војска тврди дека сега контролира над 19 проценти од Украина, или околу 116.000 квадратни километри. Според мапите на проукраински извори, Русија годинава окупирала повеќе од 3.400 квадратни километри украинска територија.