Орбан му одговори на Зеленски: Украина не ја брани Унгарија од никого и од ништо

Макфакс

05/11/2025

14:19

268

Големина на фонт

а а а

Унгарскиот премиер Виктор Орбан му возврати удар на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој го обвини во едно интервју дека го поддржува Путин со блокирање на пристапните преговори на Украина со Европската Унија. Зеленски рече дека нема намера да понуди отстапки на Будимпешта, на што Орбан одговори дека Украина не ја брани Унгарија и дека Будимпешта не му должи ништо, објави „Евроњуз“.

Во интервју објавено вчера Зеленски тврдеше дека Унгарија треба да ја поддржи одбраната на Европа наместо да бара отстапки.

„Не мислам дека треба да му понудам нешто на Виктор Орбан“, рече Зеленски.

„Мислам дека Виктор Орбан треба да ѝ понуди нешто на Украина, која ја штити цела Европа од Русија, а дури и сега, за време на оваа војна, не добивме никаква поддршка од него, поддршка за нашата визија за живот“, додаде украинскиот претседател.

Одговорот на Орбан дојде кратко по објавувањето на интервјуто. Унгарскиот премиер ја отфрли сугестијата дека неговата земја му должи нешто на Киев.

„Украина не ја брани Унгарија од никого и од ништо. Ние не го побаравме тоа и никогаш нема да го сториме тоа. Безбедноста на Унгарија е загарантирана од нашите национални одбранбени капацитети и од НАТО, чиј член, за среќа, Украина не е“, рече Орбан.

Тој истакна дека Унгарија досега обезбедила приближно 200 милиони евра хуманитарна помош и продолжува да ја снабдува земјата разорена од војна со гас и електрична енергија.

Премиерот го повтори цврстото противење на Унгарија на пристапувањето на Украина во ЕУ.

„Унгарија не го поддржува и нема да го поддржи пристапувањето на Украина во Европската Унија бидејќи тоа би донело војна во Европа и би ѝ одзело унгарски пари на Украина“, рече Орбан додавајќи дека би претпочитал да види Киев да добие статус на стратешки партнер наместо полноправна членка.