Грција од почетокот на следната година ќе овозможи доброволно приклучување жени во вооружените сили, соопшти Министерството за одбрана. Обуката ќе трае од шест до 14 месеци и засега ќе се спроведува само во копнените сили.
Според министерот за одбрана, Никос Дендијас, целта е да се промени културата во армијата и да се обучат жени, кои, доколку е потребно, ќе служат заедно со мажите. Ќе бидат формирани и посебни женски единици со 100 до 150 припаднички.
Жените што доброволно ќе се приклучат ќе имаат можност подоцна да добијат постојани работни места во полицијата и во противпожарната служба. Неколку универзитети најавија дека ќе покриваат половина од школарината на студентките што ќе се пријават за воена обука.
Во моментот, жените сочинуваат околу 17 проценти од грчките вооружени сили, најчесто во административни должности. Грчките власти очекуваат голем интерес за новата програма.
 
                                






