Европа загрижена поради договорот меѓу Трамп и Шји Џинпинг

Макфакс

31/10/2025

12:15

255

Големина на фонт

а а а

Европа изразува загриженост поради новото приближување меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Шји Џинпинг, пишува „Политико“.

Двајцата лидери во Јужна Кореја договорија едногодишна пауза во трговскиот спор, вклучувајќи укинување на контролата на извозот на магнети и други редки суровини. Иако овој потег накратко ѝ користи на европската индустрија, во Брисел стравуваат дека новото затоплување на односите меѓу двете сили ќе ги потисне европските интереси во втор план.

Европската унија се обидува да го намали влијанието на Кина и нејзината поддршка на Русија, но без поголем успех. Санкциите против кинески компании предизвикаа остри реакции од Пекинг, кој предупреди дека се „неприфатливи“.

Иако прекинот на извозните ограничувања ѝ дава на ЕУ време да ги спроведе своите планови за обезбедување на критични суровини, аналитичарите предупредуваат дека договорите меѓу Трамп и Шји не се обврзувачки.

Во меѓувреме, внатрешните поделби меѓу членките на ЕУ за односите со Кина ја ослабуваат заедничката стратегија, особено по воведувањето царини за кинеските електрични возила.

Брисел сега се обидува да ја зајакне соработката со други партнери – Австралија, Канада и земјите од Транспацифичкото партнерство – со цел да ја задржи својата улога во глобалната трговија.

Како што предупредуваат аналитичарите, Европа не може само да чека што ќе одлучат Вашингтон и Пекинг – мора да развие сопствен, независен канал на дијалог со Кина.