Поминаа две години откако некои вработени во ТМ Шведска или Тесла Шведска, поддржани од синдикатот на металурзите ИФ Метал, штрајкуваа за да ја принудат подружницата на американскиот производител на електрични автомобили да потпише колективен договор.
Иако не е законска обврска, колективното договарање стана добра деловна практика во Шведска и 90 проценти од сите вработени, особено во поголемите компании, се заштитени со колективни договори. Тесла се спротивставува на ваквите договори во Шведска, тврдејќи дека тие „не се вклопуваат во деловниот модел на Тесла“ и дека „вработените во Тесла веќе имаат многу конкурентни услови за работа“.
Сепак, Ирене Венемо, директорка на Шведскиот институт за медијација, државна агенција која посредува во вакви спорови, тврди дека фундаменталниот проблем лежи во загриженоста на американското седиште, поточно на Елон Маск, кој го носи официјалното име Технокинг на Тесла, дека колективен договор во Шведска би поставил преседан што би ги водел синдикатите во други земји.
„Тесла работи во многу земји и никаде нема ваков колективен договор. Менаџментот на Тесла во Шведска покажува подготвеност за соработка и доколку можеше самостојно да одлучува, мислам дека веќе ќе имавме договор“, рече Венемо.
Пред околу еден месец, Шведскиот институт за медијација се откажа од обидите за медијација, но пред тоа забележа дека ТМ Шведска постигнала одреден напредок и им обезбедила на своите вработени подобри услови за работа отколку пред штрајкот.
Венемо рече дека ТМ Шведска се приближила до условите што ИФ Метал ги постигна со Здружението на работодавачи во автомобилската индустрија. „Се обидовме на секој можен начин да го завршиме овој спор, но овој случај е различен од сите претходни. Сега стигнавме до крајот на патот“, објасни Венемо.
Шведските медиуми се поделени во своите ставови за штрајкот во Тесла. Левичарскиот Aftonbladet пишува дека ова е судир на „шведскиот модел против американската алчност; Давид против Голијат; Шведска против Маск“ и дека сите други големи меѓународни компании во Шведска имаат колективни договори.
Од друга страна, конзервативниот весник „Свенска дагбладет“ се прашува дали има смисла штрајкот да се продолжи на неодредено време, што очигледно не е особено ефикасно. Имено, и покрај бројните пречки, Тесла продолжува релативно успешно да увезува, продава и да ги сервисира своите возила во Шведска.
Аналитичарот Бендер проценува дека штрајкот досега чинел најмалку 10 милиони евра само од страна на синдикатите. ИФ Метал тврди дека има речиси една милијарда евра во својот фонд за штрајк и дека може да исплати обештетување на штрајкувачите само од камати и дивиденди.
Нешто потешко е да се процени колку штрајкот ја чинел ТМ Шведска. Компанијата се обидува да остави впечаток дека нема штета и дека сè работи без прекин, но според Бендер, станува збор и за милиони евра.
Шведската јавност најчесто се согласи со синдикатите, особено откако Елон Маск почна отворено да го поддржува американскиот претседател Доналд Трамп. Продажбата на Тесла во Шведска претрпе катастрофа во последните месеци. Според податоците од Mobility Sweden, во јули 2025 година се продадени само 163 возила, односно 85,5 проценти помалку отколку во истиот месец минатата година.
Во септември оваа година, трендот многу се промени. Вкупно се регистрирани 10.395 електрични автомобили, вклучувајќи 1.726 автомобили Тесла. Но, генерално, продажбата на Тесла во Шведска (за разлика од Норвешка) оваа година е доста слаба во споредба со 2024 година. Во текот на целата минатата година, регистрирани се 21.894 возила Тесла.















