И тоа постои: Оваа европска држава воведува ограничување на брзината за пешаци: Забрането одење побрзо од 6 км/ч!

Точка

29/10/2025

15:10

394

Големина на фонт

а а а

Словачка од 1 јануари 2026 година ќе воведе ограничување на брзината од 6 километри на час за пешаци, велосипедисти, скејтери и возачи на тротинети на тротоарите во урбаните средини.

„Главната цел е зголемување на безбедноста, имајќи предвид сè поголемиот број инциденти со електрични тротинети“, изјави Љубомир Важни од партијата „Smer“, која е дел од владејачката коалиција на словачкиот премиер Роберт Фицо, пренесува бриселскиот портал „Politico“.


Како ќе се мери брзината на пешаците?

Порталот наведува дека останува нејасно како полицијата ќе го спроведува овој закон и ќе ја мери брзината на пешаците, со оглед дека просечната брзина на човечко одење изнесува четири до пет километри на час.

Дури и словачкото Министерство за внатрешни работи изрази сомнеж во оправданоста на мерката, нагласувајќи дека би било „пологично да се забранат електричните тротинети на тротоарите, отколку да се воведе општо ограничување на брзината“.


Опозицијата: „Апсурд што нема да реши ништо“

Опозицијата ја осуди оваа одлука како апсурдна и нефункционална.

Мартин Пекар од партијата „Progresívne Slovensko“ изјави дека ваквата мерка не го решава вистинскиот проблем – безбедноста на пешаците во сообраќајот.

„Ако сакаме помалку судири, потребни ни се побезбедни велосипедски патеки, а не апсурдни ограничувања што физички е невозможно да се следат“, рече Пекар, додавајќи дека велосипедист „на брзина од шест километри на час едвај може да ја одржи рамнотежата“.


Иако властите го оправдуваат законот со аргументот за „јавна безбедност“, многумина во Словачка го доживуваат како бирократски експеримент без практична примена — мерка која, наместо да ги реши проблемите на тротоарите, можеби само ќе ги направи посмешни.