И меѓународната заедница гледа со неверување дека некој во 21 век може да се однесува така, рече Мицкоски по повиците за етничко гласање во вториот круг

Макфакс

26/10/2025

16:19

134

Големина на фонт

а а а

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска од Брвеница испрати порака дека сите кои работат за иднината на државата имаат негова и владина поддршка, без оглед на етничката, верската или политичката припадност.

Ова се случува откако кандидатот на Коалицијата „Вреди“ за градоначалник на Брвеница, Хаќим Рамадани рече дека заедно со кандидатите на ДУИ бараат гласови за општините каде во втор круг се тркаат Македонци и Албанци, за да се знае кој е газда.

„Секој кој зборува за иднината на Македонија е добредојден мој соговорник, а тие што шират поделби, особено етнички, не му мислат добро ниту на Македонецот, ниту на Албанецот, ниту на било кој друг наш сограѓанин“, изјави Мицкоски.

Тој истакна дека со жалење го слушал сето она што противкандидатот на Јовица Илиевски во Брвеница го кажувал во една , како што ја нарече, егзалтирана состојба.

„Не знам дали беше тоа специфичен момент за него, но мислам дека направи голема грешка. Направи голема грешка пред се за кандидатите, од истата онаа коалиција за која тој настапува. Замислете што ќе се случува сега во Струга, во Дебар и во одредени други општини, така што толку себичен потег од политичар до сега поновата историја Македонија не видела“, рече Мицкоски.

Додаде дека ваквата реторика стигнала и до влијателни претставници на меѓународната заедница, така што и тие гледаат со големо жалење и со неверување на она што го слушаат,  дека некој во 21 век може да користи таков речник.

Мицкоски истакна и дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ вложува подеднакво во сите општини, без оглед на политичката или етничката структура на локалните власти.

„Покажавме со инвестиции и договори од половина милијарда евра во сите општини – без разлика дали се леви или десни, провладини или опозициски. Така се гради соживот, така се гради заедничка држава. Со поделби може само да уназадуваме“, рече тој.

Рамадани претходно најави дека во вториот круг ќе соработува со ДУИ, партијата за која „Вреди“ не штеди зборови во партиските соопштенија дека е криминална, поразена и на дното на бунарот, само со цел да се поразат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, и покрај тоа што се коалициони партнери во Владата. Рамадани рече дека општините како Кичево, Брвеница и Тетово, каде што се мнозинство Албанците, треба да ги води Албанец, што во јавноста денес беше оценето како шовинистичка реторика.

Тензиите меѓу коалициските партнери почнаа уште пред неколку дена, кога лидерот на „Влен“, Билал Касами, во интервју за албанската телевизија Сири најави дека во вториот круг во Кичево ќе го поддржат кандидатот на ДУИ, Фатмир Дехари, а не кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски, само затоа што е Албанец.

Мицкоски тогаш остро реагираше, истакнувајќи дека политиката не смее да се темели на етнички поделби и шовинизам, туку на вредности и заедништво.

„Сите што се надеваат дека со етноцентрични теми ќе добијат нешто во политиката нека го погледнат примерот на падот на ДУИ – тоа е лекција за сите. Поддршката треба да се гради врз вредности, а не низ призмата на етничка припадност“, изјави тогаш Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг немаше свои кандидати во неколку општини – меѓу нив Тетово, Чаир, Сарај и Струга – токму за да ја поддржи коалицијата „Вреди“ и нејзините кандидати.

„Понекогаш додека ги реализиравме овие стратешки цели крваревме како ВМРО-ДПМНЕ и поднесовме жртва. Не беше лесно да се гледаат нашите сопартијци како остануваат без кандидати, но тоа беше дел од поширокиот стратешки договор. Ние не бараме ништо за возврат, само почит за жртвата што сме ја дале за други“, изјави Мицкоски во неодамнешното обраќање.

Во вториот круг на локалните избори на 2 ноември, ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ ќе се најдат во директна трка во неколку општини, меѓу кои Брвеница, Долнени.

И додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја брани позицијата на својата партија како носител на стабилност и меѓуетничко единство, „Влен“ се’ уште јавно не се произнесе за настапот на Рамадани.