Полицаец од Њу Џерси по пријава за злосторство отишол по пица, се испоставило дека е двојно убиство

Макфакс

26/10/2025

10:38

465

Големина на фонт

а а а

Полицаецот Кевин Боларо од градот Френклин Тауншип е обвинет за недолично однесување и злоупотреба на службена должност, откако наместо да реагира на пријава за пукање, што подоцна се покажало како двојно убиство, застанал на банкомат и во пицерија.

Како што пишува Гардијан, според обвинителството, „ГПС“ податоците и снимките од камерите покажуваат дека Боларо на 1 август возел во спротивна насока од местото на настанот и потоа поминал речиси два часа во два локални ресторани.

Следниот ден, во куќа на околу 180 метри од првичната пријава, биле пронајдени телата на Лорен Семанчик (33) и Тајлер Веб (29), кои, според истрагата, ги застрелал поручникот на државната полиција Рикардо Сантос, а потоа извршил самоубиство.

Обвинителството го товари Боларо дека свесно ги избегнал службените обврски и потоа лажно го прикажал својот извештај, тврдејќи дека бил на терен во време кога бил на пат кон пицеријата.

Неговиот адвокат Чарлс Скиара за Њујорк пост изјавил дека обвиненијата се несреќни, додавајќи: „Ништо што Кевин Боларо направил или не направил тој ден не влијаело, ниту можело да ги спречи убиствата.“

Од друга страна, семејствата на жртвите за „ВАБЦ-ТВ“ изјавиле дека се шокирани од однесувањето на Боларо и веруваат дека тоа е врвот на ледениот брег во серијата пропусти на полицијата.

Боларо треба да се појави пред суд на 5 ноември.