Њукасл ја победи Бенфика со 3:0 и сосема заслужено ги освои трите бода на „Ст. Џејмс парк“, но овој натпервар донесе и една несекојдневна сцена во Лигата на шампиони.
Ник Поуп не беше тестиран и само двапати интервенираше во дуелот со дефанзивно настроената Бенфика, меѓутоа голманот на Њукасл го привлече вниманието со потегот кој го изведе во 70-та минута.
Харви Барнс ги постигна последните два гола за Њукасл во победата од 3:0, а оној првиот пристигна по асистенција на својот голман.
Поуп режираше нестварно долго додавање со рака и успеа да го проигра соиграчот на другата половина, па оваа асистенција сигурно ќе биде запишана како една од најчудните во последните неколку сезони во Лигата на шампиони.
За Њукасл ова беше втора победа во третото коло, додека Бенфика е очајна и претрпе трет пораз.